Утре, во вторник, 7 февруари во 19 часот во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи разговор со Александар Русјаков, автор на романот„Хотел меѓу две војни“ – книга за месец февруари во Библиотеката.

„Хотел меѓу две војни“е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се претставени преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.
Книгата е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2021 година и на Рациновото признание во 2022 година.

Александар Русјаков е роден во 1970 година во Велес. Пишува поезија, раскази, драми, а „Хотел меѓу две војни“ е негов петти роман. Автор е на сценарија за повеќе кратки и долгометражни филмови, тв филмови и серии,како и на сценариото за анимираната тв-серија „Еднооки“.
Разговорот е дел од големата кампања на скопската градска библиотека „Читаме современи македонски автори“ и е од отворен карактер.Книга на месецот „Хотел меѓу две војни“ ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 25 февруари.

Разговорот со Русјаков ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември 2022 година, како поддршка за домашното книжевно творештво:

Македонската литература има долга традиција, а нејзината вредноста ја продолжуваат авторите кои ни се современици, наши колеги, сограѓани. Сметаме дека токму нашите читатели треба да бидат тие кои први ќе ги читаат нашите автори, писателите кои творат на македонски јазик токму денес.Нашата цел е да поттикнеме што поголем интерес за современите македонските дела, како и за македонскиот јазик, велат од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

До сега пред читателите на Библиотеката, како и пред пошироката публика беа претставени: „Сфинга на гневот“ и авторот Жарко Кујунџиски, „Девет приказни за госпоѓица Сит“ и Билјана С. Црвенковска, „Диссомнии“ на Игор Станојоски и „Лебед“ на Ана Стојаноска. Кампањата „Читаме современи македонски автори“ е предвидено да трае до месец јуни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.