Манифестацијата „Инкубатор – платформа за млади уметници“, која се одржува деновиве во организација на Интерарт културниот центар, предводена од Матеа Мијановиќ, повторно обединува млади уметници, на кои им овозможува да се развиваат низ процес на обука и професионална продукција. Во рамките на манифестацијата на 23 ноември, ќе се одржи работилницата со реномираната кореографка Саша Ефтимова. Таа ќе работи со студенти од Катедрата за современ танц при Универизтетот „Гоце Делчев“ на развој на совремна танчерска техника.

На 25 ноември во 20 часот во МКЦ, ќе се одржи завршната вечер на манифестацијата со претставта „Showcase“ на која ќе се презентираат три современи кореографии, „Ремикс“ на Дејан Битровски, „Егзистирање“ на Рисима Рисимкин и „Скеч“ на Адријана Данчевска. Дел од програмата ќе се изведува во живо од извонредните музичари Виктор Филиповски и Ратко Даутовски. Во рамки на вечерта, ќе се презентираат и новите танцови филмови „Trespassing MKD “ на Данчевска и „Лима“ на Батухан Ибрахим и Ивана Балабанова, во продукција на „Танц.Бункер“.

„Инкубатор – платформа за млади уметници“ е проект кој има за цел да спои млади уметници од категориите музика, танц и визуелни уметности, кои преку креативни работилници се надградуваат. Продукцијата се презентира пред јавноста и овие млади уметници се позиционираат на културната сцена кај нас. Манифестацијата, чиј идеен творец е Матеа Мијановиќ во организација на Интерарт културниот центар за прв пат се одржа во 2018 година и во изминатите шест години се одржува во континуитет, а во нејзината програма до сега се опфатени околу 200 учесници.

Саша Евтимова е родена во Скопје, Македонија каде завршува средно образование на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Во периодот од 1998 до 2001 година, претстојува на колеџот Поинт Парк во Питсбург, САД. Високо образование завршува на Институтот за уметничка игра во Белград, Србија, каде и дипломира во 2018 година, како драмски и аудиовизуелен уметник- отсек кореографија.

Ефтимова е истакнат солист, балетски педагог и кореограф на Национална опера и балет во Скопје. Евтимова има изведено бројни улоги на класичниот и неокласичниот репертоар. Во 2007 година таа е дел од проектот „Kylian to the Balkans“ во чии рамки изведува соло улоги од претставите „Falling Angels“, „One of a kind“ и „Palms“ на светски познатиот кореограф Јиржи Килијан. Во 2005 година Ефтимова учествува на Франкофонските Олимписки игри во Африка, со претставта „Дневник за Нас“ на короеграфката Рисима Рисимкин. Како кореограф, Ефтимова, покрај авторските дела за НОБ, креира оригинални кореографии и за филм и театарски претстави. Таа работи како гостин короеграф и педагог на „Гоa балетска академија“ на Виетнамската опера и балет; Националниот Балет во Тбилиси, Грузија; ХНК Сплит, Хрватска, како и за новоформираниот балетски ансамбл во Подгорица, Црна Гора. Во 2012 година Ефтимова е избрана да учествува проект на Кореографски Институт во Њујорк, САД, кој е поврзан со „“New York City Ballet и Школата на Aмериканскиот балетски театар. Ефтимова работи како асистент на Френк Андерсен, при поставување на балети од класичниот репертоар и наследство на Бурнонвил низ целиот свет. Таа е дел од жири комисијата на „Натпревар-от за танц“ во Сеул, Јужна Кореја. Ефтимова одржува амстер работилници за Академија за танц во Сеул, Ј. Кореја, Виетнамска Опера и Балет, Пекинг Танцова Академија, Пекинг Танцов Театар, Шенјанг Танцова Академија, Национално Балетско Училиште во Талин, Естонија и др. Во 2011 година, Евтимова е добитник на Гран-при наградата на 5-тиот Интернационален кореографски фестивал „Сергеј Дјагљев“ во Полска; работи како кореограф на „Војвотката на Чардаш“, добитник на титулата најдобра оперета во 2011 година; освојува награда за најдобра режија за претставата „ФИЛМ“ во 2013 година и првото место за современ балет на јубилејното, десетто издание на „Балетски-от фестивал“, во Рига, Латвија во 2014 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.