Денес, во КСП Центар – Јадро, со почеток во 17:00 часот, ќе се одржи работилницата за движење и танц со Симона Спировска, со наслов „Раздвижени тела“.
Серијата Култренинг работилници се организирани во соработка со локални и поканети регионални и меѓународни кореографи и танцови уметници, во различни простори во градот. Работилниците се отворени за сите заинтересирани граѓани, без разлика дали имаат некое претходно познавање од современиот танц.
Работилницата е бесплатна и отворена за учесници со или без танцувачко искуство.
Работилницата „Раздвижени тела“ со Симона Спировска на учесниците им нуди методи на истражување на слободното движење и чувствување на сопственото тело, неговата флексибилност, рамнотежа и координација.
Во оваа работилница учесниците ќе работат на поврзување и емотивно активирање на сопственото тело и изведување движења за зголемување на опсегот на движење и флуидност. Преку бавни удобни чекори и свесно движење ќе се одржува личниот центар на гравитација и координација на телото. Учесниците во границите на своите можности ќе работат со слободни движења во соодност со својата постурална стабилност.
Симона Спировска е родена 1985 година, во Скопје, Република Македонија. Дипломирала и магистрирала катедрата за Драмски актери, на Факултетот за Драмски Уметности, во Скопје, во класата и под менторство на проф. Владимир Милчин. Од 2011 до 2013 година работи како демонстратор на Факултетот за драмски уметности, по предметот Сценски движења и танци. Во моментов е вработена во Театарот за деца и младинци, Скопје и е дел од здружението Артопија. Со танц се занимава подолго од што се занимава со самата себе. Долгите години минати со, за и низ танц ѝ овозможиле да се занимава со различни танцови облици и секогаш да бара начин да ги испреплетува и развива во изведувачкиот контекст.
Работилницата ќе трае 1,5 часа во една сесија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.