Во Скопје денеска ќе биде одржана работилница за визуелно раскажување приказни, која е наменета за сите идни графички дизајнери, маркетери и оние кои се занимаваат со дигиталниот маркетинг.

Работилницата е во организација на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ и според нив ова претставува можност за сите заинтересирани низ интеракција да се запознаат со процесот на градење визуелен идентитет на еден бренд.

Денешниот човек информациите во најголем процент ги прима визуелно. Полето за визуелно изразување е бескрајно, но важни се петте минути кои креативците треба да ги препознаат и максимално да ги искористат. Тоа е пресудно и за креативниот и за комерцијалниот исход на секое решение – соопштија организаторите.

Работилницата го опфаќа процесот на креирање визуелната приказна на еден бренд низ илустрација, графика, фотографија, видео и слично. Учесниците ќе имаат можност и самите да развијат идеја или да предложат одредено решение за даден бренд.

Едукатори на работилницата ќе бидат Софија Семенпеева Трајановска, Кристијан Јованоски и Емилија Ќипроска од Ефектива.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.