Вечерва со почеток во 19.00 часот во Свечената сала на Офицерски дом – КИЦ Битола, се отвора Првото меѓународно биенале на минијатурни графики и цртежи – Битола 2023. Ова е најголем ликовен настан во земјава во овој период на годината, а единствен ваков во регионот.

На Првото меѓународно графичко биенале на минијатурни графики и цртежи Битола 2023, ќе бидат изложени над 700 дела работени во речиси сите графички техники, како и во скоро сите техники за изработка на цртежи: од јаглен, па се до акварел, акрилик, комбинирани техники итн. Свое учество бележат околу 80 држави со над 400 автори. За оваа голема ликовна, светска манифестација и за нејзиното понатамошно презентирање, веќе пројавија интерес неколку ликовни центри , сакајќи да ја претставуват, популаризираат, афирмираат и во нивните средини.

Големиот одзив и бројот на присутните дела, ја позиционираат оваа ликовна, меѓународна манифестација во високо рангиран контекст. За обележување е и специјалното присуство, односно одбраните колекции на 50 автори од Народна Република Кина, кои настапуваат како специфичен и авторски, кинески павилион, колекцијата на околу шеесетина автори од Италија, во избор ина истакнатата италијанска графичарка Валерија Бертесина. Присуството на најистакнатите полски графичари, една од најзначајните графички средини во светот. Како и големиот интерес на автори од скоро сите дрѓави на латинска Америка од Мексико, Бразил, Аргентина. Битола дефинитивно е светски ликовен центар, со што македонската култура воопшто, е претставена со истакнато значење и придонес од интернационален карактер.

За изложбата се подготвува обемен каталог кој што ќе биде доставен до сите учесници, како и институции а воедно ќе биде позициониран на интернет платформи на кои се позиционирани каталози и книги од овој вид, со што ќе биде достапен до сите заинтересиран низ целиот свет. Автор и носител на проектот е ликовниот уметник и кустос Владо Ѓорески, кој оваа изложба ја поставува во соработка со КИЦ Битола.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.