Од 7. до 11. јуни 2024, во домот на културата „Ивано Мазов – Климе“ во Кавадарци, ќе се одржи првото издание на МАКЕДОНСКИОТ АСИТЕЖ ФЕСТИВАЛ (МАФ), национален фестивал на кој ќе се прикажуваат претстави за деца и млади – за сите возрасти, во сите форми на изведувачки уметности, за сите членови на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ.

На првото фестивалско издание ќе настапат домаќините од Кавадарци со претставата „Убавицата и Ѕверот“ во режија на Микица Илова, „Книголандија“ во режија Кристина Атанасова Арсова, продукција НУЦК „Ацо Шопов“ Штип, На гости кај Кате и Фреда“ во режија Јован Ристовски, продукција „Бабец театар“ Битола, „8%?“ режија Јован Ристовски, продукција „АТО Центар„ Битола  „Тоби“ режија Драгослав Тодоровиќ, продукција НУ Театар за деца и младинци Скопје и „Свадба на животни и нешта“ продукција Театар „Облаци и сенки“.

-Различен по својот концепт во споредба со другите значајни фестивали на претстави за деца и млади во Македонија, МАФ ќе нуди избор од најдобрите македонски продукции за деца и младинци. Институцијата Селектор не постои; секој член на АСИТЕЖ ќе предлага по една претстава за учество на Фестивалот. Фокусот на овој фестивал ќе биде воспоставување дијалог: првенствено помеѓу театрите и училиштата како главни посетители на театарските претстави за младата публика, по секој фестивалски ден ќе се понуди простор за заедничка јавна дискусија на членовите на АСИТЕЖ, посочувајќи ги различните можности за соработка меѓу театрите и образовните институции и зајакнување на претставниците од двете области за соработка и афирмација на современите трендови во изведувачките уметности за деца и млади, велат од организацијата на фестивалот.

МАФ ќе дава поттик и поддршка за истражување на нови форми, изрази и естетика, ќе влијае на зајакнувањето на соработката меѓу театарот и училиштето, преку која двете институции ќе напредуваат и ќе ја подобруваат својата улога и општествената одговорност.

Општина Кавадарци која се наоѓа во централниот дел на Македонија и во која последните години активно се инвестира во културата е идеалното место за реализација на еден ваков настан. Децата од Кавадарци но и децата и младите од регионот ќе имаат можност одблиску да се запознаат со театарската уметност и да акумулираат нови искуства поврзани со театарот но и со активностите на Македонскиот национален центар АССИТЕЖ. Следните изданија на МАФ се планираат да се реализираат во Општина Гевгелија, Општина Охрид и Општина Крива Паланка.

-Овој фестивал треба да понуди поголема видливост на уметниците што работат со и за деца и да биде клучен настан во државата на кој секој еден ќе има можност да ја презентира својата работа а од друга страна децата и младите  ќе добијат можност директно да бидат вклучени во реализацијата на фестивалот преку волонтерски акции и културата и уметноста конечно ќе бидат достапни и за децата од внатрешноста на нашата земја, појаснуваат од организацијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.