По спектакуларниот мултимедијален спектакл „Грув“ и интернационалните гостувања на „Раванелиус“, „Котор Арт“ и настапот во Нови Сад со Ирина Мурезану, Профундис ја крунисува концертната сезона со ексклузивното гостување на прославениот концерт-мајстор на Лондонската филхармонија Роман Симовиќ во Скопје.
Виртуозниот Симовиќ и камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе настапат на концертниот спектакл „Роман“ на 16 октомври во големата сала на Македонската филхармонија со почеток во 20:30 часот.
Голема е честа концертната сезона на камерниот оркестар „Профундис“ да се круниса со гостувањето на брилијатниот Роман Симовиќ со заеднички настап на нашата сцена. Се надевам дека ќе ги пренесеме емоциите и виртуозноста на овој спектакуларен концерт во срцата на нашата публика, создавајќи незаборавно музичко искуство, вели Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар.
Како солист, Роман Симовиќ настапува со некои од водечките оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, оркестарот на театарот „Марински“, Оркестарот на „Театро Реџио“ во Торино, симфонискиот оркестар во Халифакс (Канада), оркестарот „Франц Лист“ во Унгарија, „Камерата Берн“ во Швајцарија, Камерата Салцбург (Австрија), како и оркестри во Турција, Полска, Холандија.
Симовиќ настапувал на многу реномирани фестивали како што се: „Вербие“, „Бели Ноќи“ (Санкт Петербург), „Транс-сибирскиот фестивал“ на Вадим Репин, „Велигденскиот фестивал“, Охридско лето, Летниот фестивал во Дубровник, „Котор Арт“ во Црна Гора, БЕМУС и НОМУС во Србија, „Сион-Вале“ во Швајцарија, фестивалот во Берген, „Московски ноќи“, фестивалите во Италија и Шпанија на кои соработува со врвни музички ѕвезди на денешницата.
Од 2010 година тој е концерт-мајстор на Лондонската филхармонија. Свири на виолина изработена од Антонио Страдивари во 1709 година која му е позајмена од филантропот и колекционер на инструменти Џонатан Моулдс.
На програмата ќе бидат најголемите три британски композитори Вилијам Волтон, Вилијам Лојд Вебер и Ралф Вон Вилијамс, како и спектакуларните 4 годишни времиња од Астор Пјацола. Оваа внимателно креирана програма ветува музичка одисеја низ времето и емоциите, проткаена со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Роман Симовиќ и „Профундис“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.