Kултурно-музичкиот настан „ Прослава на животот на Горан Стефановски“ викендов ќе се одржи по повод одбележување на неговиот роденден.

На 27 април (сабота), на ул. „Живко Чинго“ (кај муралот на Горан Стефановски), со почеток во 12:00 часот. Настанот ќе се одржи пред муралот нацртан од уметниците Драш и Мачка, на улицата „Живко Чинго“ (спроти слаткарницата „Зафир“) во неговото родно Дебар Маало.

Го прославуваме роденденот на нашиот најпознат центарец, Горан Стефановски. Ќе слушаме извадоци од аудиодрами на Горан Стефановски од платформата „Самоглас“ (samoglas.mk). Ќе проследиме промоција на книгата „Пофалба на обратноста и други есеи” од проф. д-р Иван Додовски, од издавачката куќа „Три“. Ќе уживаме во култните песни на „Леб и сол” во изведба на бендот „Сешн селекшн“, по текстови на Горан Стефановски – соопштија од Општина Центар.

Настанот ќе биде надополнет со најпознатиот рефрен на песната „Скопје“ од „Леб и сол“: „Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје!“

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.