На 10 декември (сабота), со почеток од 13 часот во МОБ ќе се одржи прошетка низ меѓународната изложба „НА ЧИЈА СТРАНА СИ?: За неврзаната деколонијална констелација“.

 

Водачи на тура: Бојана Јанева (иницијативата „Најново нормално“) и Ивана Васева (ко-кураторка на изложбата)

 

Напомена: Прошеткaтa ќе започнe пред билетарницата на Националната опера и балет и се наменети за сите заинтересирани, без претходно пријавување. Ве очекуваме!

 

Изложбата е отворена секој ден од 10:00-18:00 часот, до 12 декември, а влезот е од билетарницата на Националната опера и балет, Скопје.

 

Учесници во изложбата:

Дан Акостиоаеј | Архивски материјали од Неврзаното движење | Ѓорѓе Балмазовиќ | Ѓуверовиќ (таа/ неа) | Емилија Епштајн, Ана Кнежевиќ, Музеј на африканска уметност, Белград | Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков | Синиша Илиќ | „Картографија на меѓународните соработки во културата на СФР Југославија со земјите во развој“ (Теја Мерхар) | КУРС | Лабораторија на неврзаната уметничка колекција (Марина Челебиќ, Анита Чулафиќ, Нада Баковиќ и Наталија Вујошевиќ), Подгорица | Борко Лазески | Музеј на солидарноста Салвадор Аљенде, Сантиаго | Даринка Поп Митиќ | Дубравка Секулиќ | Ивана Сиџимовска | Хјун Сук Сео | Светска галерија на карикатури, Скопје | Мила Турајлиќ

Дизајн на изложбата: Ивана Васева, Филип Јовановски во соработка со Димитар Милев, Тамара Џерков, Сандра Николовска

 

Изложбата „НА ЧИЈА СТРАНА СИ: За неврзаната деколонијална констелација“ планира да направи скок во времето. Таа го поврзува сегашното глобално геополитичко преструктуирање предизвикано од војната во Украина со наследството на Движењето на неврзаните во неговите основни принципи – антиколонијализмот и (транс)националната солидарност, и повикува одново на радикална реинвенција на светот и уметноста во него. Парафразирајќи го размислувањето на Франц Фанон кое го пренесува Хоми К. Баба, „На чија страна си?“, што е всушност едно од горливите прашања пред деколонијалните земји во контекст на Студената војна, оваа изложба сега сака да го постави прашањето – На чија страна сме, всушност, кога ќе одлучиме да заземеме страна и позиција, политички и културолошки? Понатаму, како тоа се манифестира денес врз животот на луѓето? И што можеме да научиме од овие одлуки во минатото?

 

Изложбата „НА ЧИЈА СТРАНА СИ: За неврзаната деколонијална констелација“ нашироко зборува за присуството на антиколонијални идеи и акции во неврзаната Југославија во самите процеси на деколонизација и како тоа наследство и знаење за (анти)колонијализмот и антиколонијалната солидарност е занемарено, па дури и избришано од денешното сеќавање. Понатаму, преку вклучените уметнички дела и јавна програма, сака да создаде енергичен и имагинативен простор за шпекулации за тоа какви би биле новите антиколонијални и антиимперијалистички неврзани, политички и уметнички, и како тоа би поставило поинаква перспектива за иднината. Исто така е и простор на заеднички напор за повторно замислување на транснационалната солидарност во актуелната низа на политички настани преку повторно откривање на парадигмата на солидарност на ДНЗ. Изложбата и јавната програма ја отвора оваа тема за прв пат во Македонија. Исто така, редок е потфатот да се презентираат неколку дела од повеќе странски институции како на пример Центарот за современа уметност на Црна Гора, Подгорица, Црна Гора, Музејот на африканска уметност – Колекција на Веда и Др. Здравко Печар, Белград, Србија и Музеј на солидарноста Салвадор Аљенде, Сантиаго, Чиле. Оваа изложба претставува и дела од современи уметници и истражувачи кои се обидуваат да ги поврзат спомените од минатото со денешната ситуација и да потсетат на деколонијалната сила на ДНЗ, дела од уметници создадени во активните денови на програмата за културни односи на ДНЗ, како и неколку обемни истражувања на културните програми и соработки СФР Југославија со земјите во развој и архивски материјали поврзани со ДНЗ. (извадок од текстот за изложбата)

 

Организатори: Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје, како дел од 17. АКТО Фестивал за современи уметности

Партнери: Модерна галерија, Љубљана, Центар за современа уметност на Црна Гора, Подгорица

Поддржано од Министерство за култура на Република Македонија (како дел од 17. AKTO Фестивал за современи уметности), Европски проект ISLOKIN ко-финансиран од ЕУ)

 

Соработници на изложбата: Денис Сарагиновски, Ненад Тонкин, Борис Василески, Мартина Петреска

Графички дизајн: Кома дизајн студио, користени се оригинални илустрации и фоткографии на насловната страна на Ѓорѓе Симиќ за книгата „Колонии некогаш и сега“ од Вера Николова, издадена од РАД, Белград, 1954 година.

Благодарност до Библиотека Браќа Миладиновци – Скопје и НУ Музеј на Македонија.

 

Иницијативата „Најново нормално“ е посветена на сите заинтересирани кои имаат потреба од нова викенд алтернатива. Прошетката е предводена од Бојана Јанева која преку своето долгогодишно искуство како историчарка на уметноста се вложува кон промовирање и доближување на уметноста и културата до сите заинтересирани граѓани кои сакаат да искусат еден поинаков и возбудлив поглед кон градот и современите уметнички пракси. Оваа прошетка ќе ги втурне посетителите во едно необично искуство кое ќе им овозможи одново запознавање со градот Скопје и причините поради кои вреди повторно да му се навратиме со љубопитност, наместо со носталгија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.