Друштвото на писатели на Македонија денеска организираше настан „Во име на новото“, кој, како што беше кажано, има за цел да го промовира новото творештво на македонските автори. Беа претставени авторите Јулијана Величковска, Игор Анѓелков и Иван Антоновски.

Претседателот на ДПМ Христо Петрески нагласи дека е многу важно почнувањето на еден ваков циклус „Во име на новото“. Тој се осврна и на творештвото на овие тројца автори. За Анѓелков, Петрески рече дека е тазе член во Друштвото, иако можело и требало да биде и претходно, имајќи го предвид неговото творештво. За Величковска, тој истакна дека исто така е докажан автор, создава и за возрасни и за деца. Тој потсети оти таа објави една многу необична и интересна книга „Ведра“.

– Јас се радувам што сѐ повеќе има автори кои пишуваат книги за деца и млади. По еден вакуум и мртов период во литературата за деца и млади, последните неколку години за среќа се јавија повеќе автори, меѓу нив и Јулијана Величковска. Јас верувам дека македонската литература за деца со вакви автори како што е Јулијана има иднина, додаде Петрески.

Тој се осврна и на творештвото на Антоновски.

 

За Величковска, беше кажано дека е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.

Анѓелков, дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал по „Медиуми и комуникации“, на Правниот факултет при „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. За него, беше споделено дека активно е присутен во периодиката, со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста… а во последните 15 години, како косопственик и уредник во издавачката куќа „Или – Или“, отворено партиципира и ја креира книжевната сцена во Македонија.

Иван Антоновски дипломирал и магистрирал во областа на македонската книжевност, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на којшто, од декември 2021 година е асистент. За него беше речено, дека во рамките на неговата посветеност на книжевноста, покрај со остварувањата во книжевната наука, се пројавува и како есеист, книжевен критичар и преведувач и поет.

 

Тројцата автори имаа обраќања за книгите „Ведра“, „Двојна експозиција“ и „Идентитетот е приказна“.

Публиката присутна на настанот, имаше можност да поставува и прашања, во врска со творештвото на тројцата автори. Околу чувствата додека се пишува, автобиографските елементи и слично.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.