На 27 октомври (четврток), во 12 ч. Кинотеката на Р.Македонија го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со промоција на книгата „Иницијација и покајание – доминантни топоси во наративниот дискурс на рускиот филм во XXI век“ на д-р Атанас Чупоски и со и презентација на „блуреј“-изданието на првиот македонски игран филм ФРОСИНА на Воислав Нановиќ.

Промотори на книгата беа проф. д-р Лидија Стојановиќ-Лафазановска и директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, кој воедно е уредник на изданието.

Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).

Аудиовизуелните архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки итн.) од целиот свет – во периодот околу 27 октомври, на различни начини – го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн. – со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на аудиовизуелните материјали и нивното значење за колективната меморија.

Поздравувајќи ги присутните гости, кои ја исполнија киносалата на Кинотеката, Ангелов се осврна на значењето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, а потоа го претстави богатиот професионален и уметнички опус на д-р Атанас Чупоски.

Правејќи паралела со поднасловот на книгата, Ангелов на присутните им ги претстави доминантните топоси во биофилмографијата на Чупоски.

Атанас Чупоски (1969, Скопје) е писател и режисер, поет и сценарист, филмолог и компаративист, доктор на филолошки науки и магистер на аудиовизуелни уметности. Автор е на поетската книга „Концерт на труба во дур“ (2007), филмолошко-наратолошка студија „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А. А. Тарковски“ (2012), збирката раскази „Старинарница Балкан“ (2014) и книгата поезија „Der Wanderer“ (2015). Автор е и на стотина книжевни и филмолошки студии, есеи, раскази, песни и публицистички текстови, објавени во повеќе весници, списанија и интернет-портали. Негови раскази и есеи се преведени и објавени на неколку светски јазици. Учествувал на повеќе меѓународни научни конференции и симпозиуми во земјава и странство. Професор е по предметите Историја на филм и Теорија на филм на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот „Еуропа Прима“ во Скопје.

Сценарист и режисер е на седум документарни филмови, како и на кусометражниот игран филм КАФЕЗ – филмски остварувања коишто учествувале на бројни меѓународни фестивали, исто како и на дваесетина ТВ-емисии во продукција на МРТ, а и над стотина радиоемисии во продукција на „Канал 103“ и „Радио Равел“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија.

„Иницијација и покајание…“, во издание на Кинотеката, е филмско-теориско истражување на д-р Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката. Низ дванаесет поглавја, во интермедијална релација се поврзуваат сакралните наративи карактеристични за древните општества, аспектите на духовниот живот во Православието, аспектите на раскажувачките техники во разни медиуми, со современиот јазик на филмот. Истражувањето ги поврзува и трипартитните етапи карактеристични за иницијацијата, христијанското покајание и принципите на нарација, преку трипартитната структурна схема на иницијацијата: сепарација – иницијација – инкорпорација, што наоѓа свои паралели во трите фази на покајанието: искушение – покајание – простување, во трите етапи: покајание – исповед – причестување, но и во трипартитната схема на раскажувачката и филмската уметност: експозиција – заплет – расплет.

Во аналитичкиот дел се интерпретирани наратолошко-филмолошките специфики на пет руски филма: ЦАР, ПАРАКЛИС НА АНГЕЛОТ, ПОП, ЧУДО и ОСТРОВ, а во расчитувањето на нивниот диегетски свет исползувано е православното христијанско учење за светот и животот како своевиден херменевтички клуч во толкувањето на внатрешниот филмски свет.

Текстот е интегрална верзија на истоимената докторска дисертација на Чупоски, работена под менторство на проф. д-р Маја Бојаџиевска и проф. д-р Славица Србиновска, одбранета во 2017 г. на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Проф. д-р Лидија Стојановиќ-Лафазановска во нејзината детална анализа ја претстави стгруктурата на научниот труд на Чупоски и главната магистрала на неговата антрополошко-филмолошка интерпретација на иницијацијата и покајанието од праисторијата до денес.

Заблагодарувајќи им се на промотерите и гостите, Чупоски на присутните им ја презентираше „историјата“ на книгата, од зародишот на идејата до нејзиното финално обликување и објавување.

Во продолжение на настанот, Ангелов го промориваше „блуреј“-изданието на првиот македонски игран филм ФРОСИНА на Воислав Нановиќ.

Поздравувајќи ги посебно присутните гости кои се наследници на креативците кои го обликувале првиот уметнички игран филм во Македонија – членови на семејстата на Владо Малески, Киро Билбиловски и другите – Ангелов ја презентираше историјата на ФРОСИНА од нејзиното снимање, потоа теориско-филмолошка обработка, до дигиталната реставрација по повод 70-годишнината од неговата премиера. Со благодарноста до целиот тим на Кинотеката кој го реализирал овој проект заврши и одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.