Денеска ја промовиравме книгата „Славе Ѓорѓо Димоски во книжевната критика“ од авторот проф. д-р Димитар Пандев во издание на Општина Охрид, напиша Кирил Пецаков, Градоначалникот на Охрид на својот фејсбук профил.

Во името на Локалната самоуправа пред присутните се обрати секретарот на Општина Охрид, Александар Китески кој искажа големо задоволство што е дел од промоцијата на ова значајно издание.

Меѓу современите македонски поети, едно од најистакнатите места му припаѓа на поетот Славе Ѓорѓо Димоски, автор на забележителни книги поезија со густи метафори и слики кои како што нагласува Ефтим Клетников: „се кристално јасни, но во исто време се заумни и нејасни по значењето, често на еден надрелистичен начин, извлечени на површината од дното на несвесното“.

Кон овој коментар даден пред 30-тина години, секако би можеле да додадеме уште доста карактеристики препознатливи за поетиката на ова време, пред сѐ отворена за јазична експресија и своевидна испревртеност на исказот и експресивност во секојдневната комуникација.

Постојат моменти кога поетот конечно се одлепува од сите ограничувања на поезијата, тоа не го дочекува секој поет во својот живот, тоа се случува само кај одбрани поети. Човековото суштество без храна може седум недели, без вода пет дена, а без смисла не може ниту една единствена секунда. Во таа група на поети припаѓа токму Славе Ѓорѓо Димоски. Овој почитуван охриѓанец и врвен поет со одамна забележано перо посакуваме да твори уште многу години. А ние и понатаму ќе бидеме верни поддржувачи на неговиот пишан стих.

Секако во оваа пригода му се заблагодаруваме на еминентниот и почитуван професор д-р Димитар Пандев што го создаде овој прекрасен труд кој е наша заедничка гордост.

На промоцијата говореа авторот, Димитар Пандев, уредникот на изданието, Митре Велјаноски и поетот Славе Ѓорѓо Димоски. Стихови рецитираше Константина Крежеска, ученичка во трета година во ОСУ ,,Свети Климент Охридски”, а извадоци од книгата читаше актерот Ивица Цонев.

Книгата е издадена во тираж од 300 примероци и во неа на 370 страници се поместени осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и творештвото на овој истакнат охридски и македонски поет, кои се напишани од страна на врвни писателски имиња од Македонија и странство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.