Во прекрасниот и амбиентален простор Порта Македонија, синоќа беше промовиран Зборник на трудови поднесени на Меѓународниот научен симпозиум „Антево дело“, одржан во Лазарополе, родното село на македонскиот поет, академик Анте Поповски. Излегувањето на Зборникот и неговата прмоција беа реализирани во рамките на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Во спонтана атмосфера исполнета со многу емоции, освен претставувањето на Зборникот, присутните посетители имаа можност да проследат видео материјали со кус рецитал на академик Поповски, но и снимки од негови песни во интерпретација на артистите Софија Гогова Врчаковска и Игор Џамбазов.
Низ програмата водеше м-р Камелија Левенска, која на почетокот и самата даде подолг вовед инспириран од творештвото на Поповски, по што пред присутните се обрати промоторот ас.м-р Иван Антоновски.
„ Неспорно, по одржувањето на научен собир, објавувањето зборник во кој ќе се поместени трудовите презентирани на собирот е логична, очекувана последоватеност. Но, објавувањето на овој, конкретен зборник е едно од оние што се дочекуваат како посебно случување во книжевната, културната и научната средина, а не само како очекувана последователност. Затоа што во овој зборник не само што се презентирани нови заклучоци и согледби, туку многу повеќе се отвораат прашања кои ги детерминираат и посочуваат натамошните предизвици за нашата книжевна наука и културологија за да можеме да кажеме дека сме го оствариле својот долг кој не е само кон Антевото пеење и мислење, туку и кон влогот на една цела генерација книжевни и културни дејци на македонствувањето“, истакна меѓу другото, м-р Антоновски.
Во вдахновеното излагање, Антоновски посочи и дека „Сиот опус на Поповски е едно важно, непрочитано писмо на светлината – на минатото и на времето идно. „Зборникот што го промовираме денес нè повикува и ни покажува како да го исчитаме. Кога ќе го сториме тоа, во него ќе го најдеме сето она што се длабело низ времето и… Навистина ќе ја најдеме Македонија. Простата земја од дволичен камен и сонце – онаа што е од грч и од чекање и што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски, а никој не ја знае. Антевата Македонија сочувана во неговото творештво, а сè уште нерастајнета. Да ја дорастајниме продолжувајќи со исчитување на Антевите песни, есеи, критички осврти, студии, препеви… Тоа не му го должиме само на Анте. Тоа ѝ го должиме на македонската култура и на неговата и наша Македонија на која тој и нашите претходници – негови сомисленици го посветија не само творештвото, туку и животот. Она што остана меѓу кориците и не е до крај исчитано, најдобро сведочи дека е така. Како што ќе напомене и Катица Ќулавкова во трудот објавен во Зборникот: „Анте со песна остава аманет да се сочува Македонија. Тој секако ја сочувал во своите песни. Но дали песната е доволна?“
Растајнувањето на творечкиот опус на Анте Поповски е нужно потребно и такво нешто е обврска на научната фела , која треба во литературно критичка смисла да се дорече за особеностите на Антевото и антевското пеење и мислење“ констатира Антоновски, цитирајќи го и академик Гане Тодоровски. Тоа не е фраза – и ни малку не е флоскулно и банално, туку е исклучително вистинито посочи Антоновски додавајќи дека станува збор за опус којшто сѐ уште не е целосно истражен и во кој има сегменти што треба допрва да се вреднуваат.
Во име на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО, зборови на благодарност до присутните на промоцијата и до авторите, односно до сите оние што зедоа учество до публикувањето на Зборникот, упати претседателот на Здружението, Жорж Поповски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.