По неодамнешната промоција во Скопје, Зборникот на трудови поднесени на Меѓународниот научен симпозиум „Антево дело“ , одржан во Лазарополе, родното село на македонскиот поет, академик Анте Поповски,  ќе биде претставен и пред културната јавност во Куманово.  Промоцијата ќе се случи во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“, а  промотор на овој значаен научен труд ќе биде проф.д-р Кристина Николовска.  Зборникот донесува трудови од еминентни научни работници, лингвисти и писатели), во кои се третирани литературни, литературно-теориски, јазични и теми од историја на уметност и естетика.

Во Зборникот се објавени трудови од академик Катица Ќулавкова (МАНУ), проф. д-р Ала Шешкен од МГУ „Ломоносов“ од Москва, Руска Федерација, член на МАНУ надвор од работниот состав, проф.д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ, проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, проф.д-р Бојан Ортаков, Филип Фиданоски, (во моментот на печатењето на Зборникот работеше како м-р на Универзитетот на Нов Јужен Велс Кенсингтон  Сиднеј, Австралија, а сега е д-р при Универзитетот во Болоња, Емилија-Ромања, Италија),  м-р Бранко Цветкоски, м-р Сузана В. Спасовска , м-р Александра Јуруковска и ас. м-р Иван Антоновски.

Во продолжение на вечерта, проф.д-р Кристина Николовска, ќе одржи и пригодна БЕСЕДА за делото и творештвото на македонскиот поетски великан Анте Поповски, а присутните ќе имаат ретка можност да слушнат и кус рецитал-изворно со гласот на Анте Поповски, но и снимки од негови песни во интерпретација на познати артисти!

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.