На 22 октомври, во 14 часот, во салата „Васко Попа“ на Белградскиот саем на книгата, ќе се одржи промоција на српското издание на романот Вештица на Венко Андоновски. По одличниот успех на бугарското издание на романот, Вештица доживува веќе трето издание на српски јазик. Првите две беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана Јовиќ – Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Република Србија. Издавач е „Кораци“ од Крагуевац, а преводот овој пат е на Љиља Цревар.
За книгата ќе говорат д-р Владимир Периќ, уредник во „Кораци“, авторот и преведувачката Љиља Цревар.
Ова е дело кое преплетува различни времиња, различни техники, судир на погледи, на светови и сосема едноставна, но исклучително длабока нишка на вечното, љубов посилна од оган, од камен, од времето. Станува ли збор за една љубов што низ векови се пренесува и возобновува, или за две (повеќе) огнени романси кои се појавуваат циклично и потсетуваат на неуништливоста на вистинската љубов, му останува на читателот, самиот да долови, да пресуди и да реши. Андоновски во романот „Вештица“, таква можност дозволува со поднасловот „Роман во сурова состојба“.
За француското издание на романот, славниот автор Милан Кундера, откако го споредува Андоновски со Херман Брох и со Карлос Фуентес, романот го нарекува „премногу модерен“, т.е. роман од третата историска епоха во развојот на романот. Во него, авторот не само што ги опишува околината и животот на главниот лик, туку успева да го опфати и недофатливото. Според него, станува збор за мајсторски полифонично дело во изненадува разноликоста на наративните техники при што „Вештица“е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.