Новата книга „Трибун, Хронистерик, Номад“ од познатиот писател и книжевник Александар Прокопиев ќе биде промовирана на 24 јануари 2024 (среда), во 19:00 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Книгата ќе ја промовира Оливера Ќорвезироска.
„Трибун, Хронистерик, Номад“ е широка, длабока и пловна есеистичка книга на самиот раб помеѓу критичкиот и прозниот дискурс. Содржи десетина текстови со сроден тоналитет, подредени во три музички именувани циклуси: Praeludium, Scherzo и Lento.
Бележита во домашен, но и во поширок книжевен контекст, „Трибун, Хронистерик, Номад“ се слуша во брзи, бавни, интимни и шегобијни слапови. Почнува, извира со амбициозна авторска класификација, лична номенклатура на книжевните дејци и заложби на трибуни (Гете, Толстој, Иго, Андриќ, Крлежа, Сартр, Конески…), хронистерици (Достоевски, Ниче, Вајлд, Паунд…) и номади (Чехов, Џојс, Виткаци, Шопов…), што се провлекува до крајот на книгата на повеќе нивоа; тече преку крајно интимни свиоци, дури и епистоларии; и истекува, т.е. се влева, во „книгите што ги нема“, во книгите што сме ги подзаборавиле, а се од суштинско значење за домашниот книжевен контекст: првите збирки раскази на Драги Михајловски, Јадранка Владова и Димитрие Дурацовски од доцните осумдесетти години на минатиот век.
„Трибун, Хронистерик, Номад“ е вистинска книжевна музика за овдешното, ондешното и тамошното; за најдалечното и најблиското, за суштинското и заедничкото во личната пишувачка авантура.
Александар Прокопиев (1953, Скопје) досега објавил дваесетина прозни книги – раскази, новели, есеи и еден роман – некои од нив се преведени на светски и балкански јазици. Во 2000 година, Енциклопедија Британика ја истакна неговата книга хибридна проза „Антиупатства за лична употреба“ меѓу најинтересните годишни изданија од Југоисточна Европа, 2011 година за збирката бајки за возрасни „Човечулец“ ја доби угледната меѓународна награда „Балканика“, 2022 година во најновата едиција на обемната, реномирана историја на европските книжевности „Les Lettres Europeenes“, неговата проза се анализира во поглавјето „Тенденции и современи фигури 1989-2021“, споредувајќи ја со нарацијата на инвентивни раскажувачи како Бартелми, Калвино…
На најновата книга есеи „Трибун, Хронистерик, Номад“ ѝ претходеа: „Дали Калимах беше постмодернист?“ (1994), „Патувања на сказната“ (1996), „Постмодерен Вавилон“ (2000), „Борхес и Компјутерот“ (2005), „Измислувајќи ја Европа“ (2014).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.