Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ денеска ќе ги сумира реализираните активности и остварените концерти во 2023 година.

Ќе бидат промовирани и три нови аудио изданија – „Историски снимки со дела од историско значење“, авторскиот албум „Од композиторскиот опус на Борис Светиев“ и аудио прилогот кон списанието „Премин“, со наслов „Црковното пеење од словенско – византиската традиција во Македонија“ во изведба на хорот на „Танец“.

„Историски снимки со дела од историско значење“ е носач на звук со историски аудио снимки од архивата на Македонската радио и телевизија и е раритетно дискографско издание кое содржи тонски записи на дела на македонските композитори Кирил Македонски, Живко Фирфов, Благоја Ивановски, Ладислав Палфи и Тихомир Карапанчевски.

Од СОКОМ информираат дека за овие снимки до неодамна не се знаело дека постојат, зашто некои од нив ги немало ниту во пописот на нивните автори, каков што е случајот со снимките на композициите на Живко Фирфов и Ладислав Палфи, кој се јавува и како диригент на Словенечката филхармонија.

Уште еден ексклузивитет е и тоа што сите записи главно се направени пред седумдесетина години, на самите почетоци на тонското снимање кај нас. Сите изведувачи не се повеќе меѓу нас.

– Заради сите овие факти, изданието оправдано го носи насловот: „Историски снимки со дела со историско значење“.

Инаку, компакт дискот е означен со бројот еден, што навестува дека изданието е само едно од серијата изданија со вакви уникатни снимки од продукцијата на СОКОМ и МИЦ, кои вклучуваат дела со исклучителна важност за нашата културна меморија.

Неговото издавање е поддржано од Министерството за култура, информира СОКОМ.

„Од композиторскиот опус на Борис Светиев“ е уште едно издание од едицијата на СОКОМ посветена на авторските опуси на македонските композитори.

Содржи седум дела од творештвото на Светиев за разновидни изведувачки состави, односно снимки на композиците: „Квартет за виолина, виолончело, пијано и ударни инструменти“ во изведба на Милена Коловска, Кирил Јосифов, Борис Светиев и Горан Митрев; „FANTASY for S“ за две пијана во изведба на Тамара Коминовска и Иван Трајковски; „Фантазија за пијано“ во изведба на Мерита Реџа Терсана; „Чуден патник“ за глас и пијано“ во изведба на Весна Гиновска-Илкова и Кристина Светиева; „Три минијатури за пијано„ во изведба на Борис Светиев; „Кристална хумореска“ за дувачки квинтет во изведба на Ankara wind quintet; и „Концертни етиди за пијано и симфониски оркестар“ во изведба на Кристина Светиева и Филхармонија, под диригентство на маестро Борјан Цанев.

Изданието е заеднички проект на СОКОМ и Балканскиот музички форум, а е поддржано од Министерството за култура.

„Црковното пеење од словенско – византиската традиција во Македонија“ е аудио прилог кон списанието „Премин“ – периодична публикација на Струмичката епархија за содржини со православна тематика.

Тоа е жива снимка на извонредниот целовечерен концерт на хорот на „Танец“, во рамките на овогодишните „Денови на македонска музика“, на кој беа изведени литургиски творби од црковно-музички дејци кои дејствувале на територијата на земјава.

Во овој аудио материјал се наоѓаат композициите на Јоан Хармосин Охридски, Јован Кукузел, Јанаки Стојменович, Андон Шахпаски, Манасиј Поп Тодоров, Васил Иванов – Бојаџиев, Јане Коџабашија и други црковни дејци, кои беа премиерно изведени од хорот на „Танец“ на ДММ, под раководство на м-р Гоце Цоневски, а во стручна соработка со д-р Мирјана Павловска Шулајковска и д-р Јане Коџабашија.

Концертот беше одржан во Музејот на македонската револуционерна борба, каде „Танец“ првпат во своите 74 години постоење изведе концерт на словенско-византиско пеење, со што ја отслика тесната врска меѓу македонската фолклорна и црковна вокална практика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.