Во недела, 17 декември 2023 година во Laboratorium kafe, со почеток во 11:00 часот, ќе биде промовирана сликовницата „Највисокиот врв“ од Илина Арсова со илустрации на Иванка НиБа. Промотори: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, Виолета Танчева-Златева.
Си беше еднаш едно девојче, навидум како сите други. Храбро, упорно и силно девојче. Си беше еднаш едно девојче со голем сон. Нејзината истрајност и верба во себе ја водеа по патеката за да го оствари својот сон. А тоа ја направи похрабра, поупорна и посилна. Нејзиниот сон стана реалност.
Да се живее сонот на јаве, онака како што сме си замислиле некогаш, значи вистински да се живее и да се ужива во животот. Прегрнати со верба, проникнати со истрајност и предводени од копнежот, ги освојуваме врвовите кон кои нè води срцето. Желбите стануваат реалност, копнежот – бакнеж, ликот – сјаен, а животот – прегратка.
Проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска во рецензијата за оваа сликовница ќе напише:
„Книгата-сликовница „Највисокиот врв“ од Илина Арсова како дел од едицијата„Светулка 2“ е пишувана со желба да покаже, но и да докаже, како некогашниот детски сон може да стане стварност. „Највисокиот врв“ е исповед за личната самодоверба
на која треба да се работи со денешните деца. Па, така убавата вистинита приказна на познатата планинарка и освојувачка на највисоките светски планински врвови може да стане животна приказна на секое дете, страста на Илина може да се поистовети со страста на кое било дете, но и страста, желбата на Илина да се освои највисокиот врв, може да рабуди некоја заспиена/потисната страст/желба кај некое дете. И пред сѐ, сонот на Илина сака да каже дека сечиј сон е остварлив. Но и да покаже
дека секој може и секој треба да ја раскаже својата приказна. И истата да ја сподели, па и нека не е (рас)кажана или напишана од писател/ка, туку од планинар/ка, како што е и таа самата. А возбудата заради освојувањето на највисокиот врв е суптилно
проследена со разиграните илустрации на Иванка Ниба.“
Психологот и семеен системски советник Тина Чачоровска преку оваа сликовница потсетува:
„Илина со својата сликовница „Највисокиот врв“ ја буди љубовта кон природата, ги учи децата дека секое си има своја ѕвезда, секое од нив има свој сон и дека сосема е природно тој да се разликува од сонот на другите деца. Сликовницата вели: “Поддржувајте ги своите деца, бидете во чекор со нив и нивните цели, постојано бодрете ги и никогаш немојте да ги обесхрабрувате.“ Пораката е јасна и треба да стигне како до секое дете така и до секој родител.“
Чест ќе ни биде Вие и Вашите дечиња да присуствувате на една весела промоција на книга, каде ќе се потсетиме за сите убави нешта кои не опкружуваат и ќе збориме силата, истрајноста и упорноста кои ни помагаат во остварувањето на соништата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.