Промоцијата на романот „Деца“ од Милена Марковиќ, добитник на 68. НИН-ова награда за роман на годината во Србија, ќе се одржи в среда, 4 септември, со почеток од 20:00 часот во бифето на Младинскиот културен центар ‒ Скопје.
Книгата преку разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска.
Преводот од српски на македонски е на Сашо Огненовски, а изданието беше поддржано од Министерството за култура на Република Србија.
„Не можам да замислам читател кој по ова дело би можел да излезе непроменет – читањето на оваа книга за секој читател ќе биде егзистенцијално искуство, луѓето ќе паметат кога и каде ја читале оваа книга“ ‒ Теофил Панчиќ.
„’Деца‘ е поема за осуетеното, вечно недовршено растење, моќна, во нашите јазици неспоредлива, најголема книга за женскоста, за мајчинството, ќеркинството и синовството… опасен роман за историјата, за онаа за нас најважна и трауматична, која потекнува од Втората светска војна, продолжува низ осумдесеттите, па деценијата на нашето растење, и нѐ прегазува во текот на деведесеттите“ ‒ Миљенко Јерговиќ.
Милена Марковиќ (1974, Белград) е поетеса, драмска авторка и сценаристка. Редовна професорка е на Факултетот за драмски уметности во Белград. За нејзините поетски книги ги има освоено наградите: „Борисав Михајловиќ Михиз“, „Милош Црњански“, „Тодор Манојловиќ“, „Билјана Јовановиќ“, „Ѓура Јакшиќ“ и „Перо Деспота Стефана“. Напишала повеќе драми коишто со голем успех биле изведени на домашни и на меѓународни сцени: „Павилјони, каде одам, од каде доаѓам и што има за вечера“, „Ливада полна темнина“, „Петте животи на претажниот Милутин“, „Шини“, „Брод за кукли“, „Наход Симеон“, „Шумата блеска“, „Жица“ и „Убијци на змејови“. Добитничка е на специјална награда во Виена за најдобра драма од екс-ју просторите и на три стериини награди за најдобар текст за драмите: „Наход Симеон“ во 2007 г., „Брод за кукли“ во 2009 г. и „Убијци на змејови“ во 2015 г. Наградени се и нејзините сценарија за играните филмови: „Утре наутро“ (2006), „Бел, бел свет“ (2010) и „Татковина“ (2015), како и за документарниот филм „Рударска опера“ во 2005 г. Таа е автор и на сценаријата за двете сезони на серијата „Мочуриште“. За „Деца“ – роман во стихови, ја освои наградата НИН за најдобар роман во 2021 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.