Новата сликовница „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, ќе биде промовирана на 30 јануари (вторник), во 19 часот, во новата книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“ на првиот кат.
„Рокчето“ е пишувана врз основа на традиционална приказна од струмичкиот крај која зборува за сите светови и времиња собрани во едно место – во рогот на еден вол; традиционална приказна во која несвесно живее идејата за универзалниот Борхесовски Алеф; приказна во која Алеф, односно (рогот на) волот, се претвора во Алфа или почеток на сите светови и градови, почеток на нов живот наспроти сите разделби, вели Маџиров.
Книгата ќе ја промовираат Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски.
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. Во неа, Маџиров еднакво е и поет и раскажувач, вели издавачот.
Сликовницата е во издание на „Либи“ дел од „Арс Ламина“ и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.