Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ вечер (18:30 часот), во просториите на Europe House Струмица организира промоцијата на стихозбирката „Прости песни“ од Александра Спасеска.
Промоцијата ќе ја води Митко Гогов, а стихови ќе чита актерката Александра Стојановска.
Благодарен сум што Европската куќа во Струмица по втор пат ги отвора вратите за дел од активностите на Контекст-Струмица, така по 15. издание на Роднокрајните поетски средби, годинава ја започнуваме со промоција на дебитантската збирка поезија „Прости песни“ на Александра Спасеска. „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ на Александра Спасеска е колекција од стихотворби кои таа со доза на умереност ги споделуваше со љубителите на поезијата и блогерите повеќе од една декада, а јас уште од самите почетоци ја мотивирав да ги собере и стави во една книга. Конечно 2023 година Александра ја создаде оваа колекција поетско небо и укоричена ја сподели со заинтересираните читатели. Станува збор за сериозен автор со зрел стил на изразување, кратка и симплифицирано во формата на зборокреација, „Прости песни“ наиде на огромен интерес и прием кај поетољупците. По излегувањето од печат на второто издание и по неколку промоции во државата, среќни сме што оваа стихозбирка ќе биде претставена пред струмичката публика, рече Гогов.
Дебитантската стихозбирка на Спасеска содржи шеесетина песни поделени во три циклуса: „Писма до неа“, „Песни за неговата песна“ и „Земање збогум“, како и поговор од Снежана Стојчевска која ќе истакне: „Со оваа книга Спасеска го продолжува везот на проста и строга македонска песна, ткаена од копнеж и болка и успева да изгради музеј на болката“.
Александра Спасеска е родена 1984 година во Кавадарци. Основно и средно образование завршува во Прилеп, а од запишувањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2003 година, живее и работи во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.