Утре во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи промоцијата на новата книга на Љупчо Јолевски „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“. Промоцијата се одржува во рамките на одбележувањето на петте децении од постоењето на Домот на млади односно на Младински културен центар – Скопје.
Реткост е кога во македонската културна практика ќе се појави книга која си прави муабет (темелен, искрен, непосреден, внимателен и посебен) со музиката, како што е тоа оваа книга на нашиот познат проследувач, сведок, директен коментатор на комплетната музичка сегашност и минатост (се разбира, ќе биде и во иднина), новинарот, јас би рекла, познавачот на музиката Љупчо Јолевски, пишува во рецензијата за книгата Ана Стојаноска, писателка, театролог, професорка.
„Неправилен ритам (наслов кој во себе како некоја метафорична херметички затворена формула ги содржи сите оние аритмични, тахикардични, емотивни поместувања, што секој од нас што живее за музиката ги има осетено барем неколку пати во животот, тогаш кога ви станува јасно дека боите на светот му ги имаат вдахнато тоновите од кои тоа музичко дело е составено) е книга која во себе ги зачувува, интерпретира, толкува и детерминира повеќе различни музички феномени во македонската музичка култура. Графички дизајнирана како скапоцен накит (мошне вешто и визуелно адекватно, на исто рамниште со напишаниот текст) од Билјана Билбилоска, оваа книга е вреден артефакт на нашата музичка меморија.
Поделена во осум (не толку тематски, колку периодизирани во насока на цврсто чување на музичката меморија) одлично музички насловени поглавја, книгата директно говори со големите, маркантни, музичари и музички феномени и истовремено дава преглед на сето она што во текот на својата кариера, мудро и внимателно го следел и проследувал Љупчо Јолевски“, напиша Стојаноска.
За Тина Иванова, музиколог и новинар, делото на Јолевски е резултат на неговата посветеност на работата, на неговата огромна љубов кон она за што се одлучил да го работи.
„Оваа книга е уште еден показател дека не минува кај него туку така, она, за коешто Бог го предодредил. Познавачите на неговите дела, неговите пријатели и познаници, знаат дека Љупчо Јолевски е страстен љубител на музиката сиот свој живот, човек кој не пропушта музички настан и не само на овие простори, туку и пошироко. Пасиониран колекционер на носачи на звук, на музичка литература, на севкупна музичка уметност воопшто… Неговите интервјуа, музичките рецензии, сеедно всушност за која форма на писание станува збор, не се обични. Тие се лупа низ која се согледува животот на уметникот така детално, микроскопски, што во тој кус светоглед раскажан низ неколку реда, откривате цело пространство од креации, идеи, љубов, живот. Тоа, е најсилната алатка на Љупчо Јолевски, неговата моќна карта со која вешто умее да „игра“. Да дознаете, да спознаете, да верувате, да се едуцирате, и да се забавувате во истовреме. Бидејќи, на крајот, приказните се раскажуваат преку луѓето.
Јолевски е врвен мајстор на пишаниот збор. Дијамант во грстот злато во македонското културно богатство. Дијамант на македонското професионално новинарство. Не се ова флоскули, впрочем, самите ќе се уверите во тоа. Неговите филигрански, прецизно создадени дела ќе ве натераат да мечтаете…“, напиша Тина Иванова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.