Во Музеј на Македонската Борба – Скопје денеска (6 јуни 2024 година) со почеток во 19.30 часот ќе биде промовирана монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“.
Монографијата за Гого Попов – Стариот е дело кое преку текст и уникатни фотографии ќе Ве запознае со почетоците, историјата и развојот на планинарењето и скијањето во Македонија во периодот од почетокот на дваесеттите години па се до крајот на седумдесетитте години на минатиот век. Монографијата тематски е поделена на три сегменти: Семејство и живот, Фотографија и професија и Планина (планинарење и скијање).
Оваа монографија е единствено дело од ваков вид во Македонија. Освен тоа, што во неа може да се најдат информации за историјата на планинарењето и скијањето, истата содржи околу 500 фотографии направени од Гого Попов – Стариот кои ќе Ве вратат во едно време кое носи толку носталгија, бидејќи тоа што тие тогаш го работеле, го живееле, почувствувале и виделе, речиси е неповторливо.
Следи прашањето кој е Гого Попов – Стариот? Дел од повозрасните планинари и скијачи го паметат ова име, но на помладите тоа не им е познато. За тоа кој е Гого Попов, најдобро е да се прочита од книгата, а во една реченица за него може да се пише: дека тој е човекот кој меѓу првите ги овековечи македонските планини, човекот кој меѓу првите започна да организира, да едуцира и да поставува стандарди. Професионален фотограф, планинар, скијач, тренер, инструктор, спасител, идеолог, ентузијаст, професионалец! Човек – легенда.
Промоцијата ќе се одвива според следнава програма:
- 19:30 часот – поздравен збор на модераторот, Марко Видачек
- 19:40 часот – обраќање на претседателот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, Зоран Читкушев
- 19:50 часот – обраќање на претставникот на Планинарски Клуб „Љуботен“, Горки Качелов
- 20:00 часот – музички настап на групата „Шербет“
- 20:10 часот – обраќање на уредникот и дизајнер на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“, Александра Новеска
- 20:20 часот – обраќање на промоторот на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“, д-р Бранислав Светозаревиќ – Покорни
- 20:30 часот – обраќање на авторот на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“, Јован Божиноски
- 20:45 часот – изложба и коктел
Издавач на оваа монографија е Планинарскиот Клуб „Љуботен“ од Тетово кој следната година ќе прослави 100 години од своето постоење, а автор на истата е сегашниот претседател на клубот, Јован Божиноски. Бидејќи се работи за монографија која содржи голем број на информации за настани кои се случиле во минатото, нејзината подготовка, поточно прибирањето на податоци за да се подготви оваа монографија, траеше повеќе од дваесет години.
Поканата е отворена за сите љубители на фотографијата, планината, планинарењето, скијањето, уметноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.