Вечерва во салонот Империјал 2 во Културно информативниот центар во Скопје, со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Тајни“ од Јордан Коцевски.

Промотор на книгата: Душко Крстевски

Со напегнатата атмосфера, динамичните дијалози и неочекуваните пресврти, „Тајни“ е трилер што ќе ви ги скине нервите и ќе ве заведе во светот полн со скриени опасности и интригантни мистерии.

Приказна за вистинското, несебично пријателство, за корумпираноста на системот, за моќта на богатите наспроти останатите членови на општеството, за луксузот кој неморалните личности си го дозволуваат и за тоа дали една личност може да остане етички доследна под притисок на средината. Лесниот стил на Коцевски во комбинација со хуморот го прават ова дело вистинско задоволство за читателите.

Јордан Коцевски роден во 1983, ја започна кариерата во академската сфера и во 2014 година се здоби со титулата Доктор по менаџмент во туризам и угостителство. Има напишано повеќе од 30 научни и стручни трудови пред да му здосади и да одлучи да ја следи својата страст да стане писател.

Првата збирка стрипови во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“, ја објави 2014, додека со истиот илустратор во 2016 ја издадоа нивната прва графичка новела „Витези од соседството“.

Збирката раскази „Време за живеење“, за која се преправа дека не постои, е неговото прво дело, објавено во 2001.

Реакцијата на читателите за неговиот прв роман „Тегли“, објавен 2021, му докажа дека знае кај тера, и многу повеќе се посветува на пишувањето. Така, наредната година следуваа романите „Заследи ме“ и „Наследство: Прозорецот“, а последниот роман „Зборови“ излезе од печат во 2023 година.

Има добиено две награди за краткиот стрип „Our Eden“ (илустриран од Дарко Богданов), победено на натпревар за краток стрип на тема четка за заби и змеј со „Dragon Slayer Wanted“ (илустратор Андреј Манев) и има освоено награда за најдобар млад автор за книгата „Прозорецот“.

Живее во Охрид, каде што ја храни душата со неговите мистерии и убавини, додека работи како туристички водич и уредник на електронското списание за литература и друга уметност „(е)Лит“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.