Денес, 15 април (понеделник) во кафе-книжарницата „Буква” од 20 часот ќе се одржи промоција на книгата „Споделена антика, студии и есеи за класичната култура и античката литература” од Дарин Ангеловски, во издание на Институтот за македонска литература. Промотори на изданието се Гоце Смилевски и Александар Прокопиев.
Студиите и есеите во оваа книга се посветени на разни теми од областа на класичната култура и нејзиното обмислување преку процесите на традиција и рецепција сфатени како два обединувачки принципи во толкувањето на античкото минато денес.
Рецензентот на книгата, проф. Весна Димовска ќе рече дека „[с]ите прилози во збирката „Споделена антика” несомнено и убедливо сведочат за различни аспекти на долготрајна „лектирна”, преводна и критичка рецепција на антиката на нашиве простори, а на тој начин и за постоење и развој на еден книжевен и културолошки дијалог на две географски блиски, но временски оддалечени култури. Одбраните студии и есеи претставуваат придонес за културолошките, филолошките и книжевните научни обмислувања на античката и на македонската книжевност во нашата научна средина, и тоа според повеќе параметри, од кои ќе ги потенцираме разновидноста на методолошкиот пристап, актуелноста на истражувањата на рецепцијата на антиката во светски рамки, како и темелноста и прецизноста на научноистражувачката постапка и критичкиот апарат”.
Во својот осврт кон изданието Андреј Медиќ Лазаревски ќе одбележи вака: „[д]ека ова не е само уште една есеистичка книга исполнета со стандардни анализи на класичните дела може да се забележи од комплексната структура на студијата која со поделбата на четири дела посветени на различни нешта, опфаќа неколку аспекти на класичната книжевност и култура. Веројатно тоа сака да се покаже и со самиот наслов „Споделена антика”. Имено, ‘споделена’ во насловот го истакнува токму она што Ангеловски го обработува во книгата – антиката и нејзините поклопувања/соработки/врски со современата (македонска) книжевност, со нејзината рецепција и читателите, со преводната работа и македонските преводи на класичната литература. Во „Споделена антика”, авторот со нас го споделува тоа што класичната книжевност го споделува со современата книжевност, автори и култура”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.