Во изложбениот салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар на Скопје (КИЦ) вечер ќе биде промовирана книгата „Социолингвистика“, со поднаслов „Македонски јазик: јазичното планирање и јавната комуникација“ од д-р Александра Ѓуркова, издание на „Македоника литера“. Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Симона Груевска-Маџоска.

Книгата претставува научна обработка на основите на социолингвистиката како дисциплина којашто се дефинира како изучување на јазикот во општеството, а ги опфаќа и социологијата на јазикот, јазикот во јавната комуникација, јазичните контакти и интерференцијата, комуникативната компетенција, јазичните политики во светот и социолингвистичките прашања за македонскиот јазик. Во делот посветен на социолингвистиката на македонскиот јазик посебно се проучени процесите на јазичното планирање, стандардизацијата на македонскиот јазик, историските процеси поврзани со стандардизацијата, статусот на македонскиот јазик и употребата на македонскиот јазик во сите сфери на општествениот и културниот живот.

Александра Ѓуркова (1971) е доктор по филолошки науки. Работи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, во Одделението за историја на македонскиот јазик. Нејзин примарен научен интерес се историјата на македонскиот јазик и социолингвистиката. Има објавено над осумдесет библиографски единици од областа на црковнословенската синтакса, на социолингвистиката и на стилистиката.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.