Промоција на книгата „Со свои зборови: интервјуа (1985 ‒ 2023)“ од Сергеј Андреевски ќе се одржи во четврток (14 ноември) во 19.19 часот во „Салон 19:19“ во Културно-информативниот центар во Скопје. Книгата претставува прошетка низ времето, нè враќа на самите почетоци на сликарската кариера на Андреевски. Таа прошетка се личните ставови на еден македонски ликовен уметник со меѓународна кариера за уметноста, животот и секојдневното битисување искажани во серија интервјуа, разговори и изјави, почнувајќи од 1985 до 2023 година.

Сергеј Андреевски (1960, Скопје) е академски сликар и основач на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“, со седиште во селото Слоештица, каде што е и куратор на Меѓународната уметничка резиденција и колонија, што успешно се реализира од 2003 година.

Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1985 година, а бил и стипендист во Рим („Галерија ди арте модерна“, 1987/’88) и во Нирнберг во 1991 година. Од неговите позначајни студиски престои во странство може да се издвојат: Архус, Данска; “Cité des Arts Internationale-Paris”, Франција; “Acme Art Studios”, Вилмингтон, САД; “Asolare Fine Arts Foundation”, Лексингтон, САД; “Imadate”, Јапонија; “Pi Artworks”, Истанбул, Турција; “Cromarty Arts Trust”, Кромарти, Шкотска; “In Situ”, Александрија, Египет; “Al Maken”, Тунис и многу други.

Андреевски реализирал повеќе од 60 самостојни изложби низ целиот свет, и учествувал на повеќе од 200 групни изложби. Добитник е на многу државни награди. Неговите дела се дел од збирките на бројни државни институции, музеи и приватни колекционери ширум светот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.