Секој од нас во себе носи грст приказни. Некои од нив сме ги добиле на подарок од родителите. Некои од нив сме ги создале самите. Некои од нив сме ги кажале некому. Сите од нив сме ги кажале на себе си, вели авторот.

Во минативе 4 години на оваа страница ги споделувам приказните кои во претходните 20 години сѝ ги кажував на самиот себе си. Приказните за странските сликари кои животот ги донел во Македонија во едно возбудливо столетие 1850-1950.

Секоја нивна македонска слика е една приказна. Приказна кој тој сликар решил да нѝ ја каже. Со надеж дека таа приказна ќе продолжи да живее долго после него. Приказна која ќе му ги долови на оној што ја гледа сликата сите тие чувства кои сликарот ги доживеал во моментот кога тој или таа се нашле на некое место во Македонија, и во некое време кое останало во нашата историјата.

Понекогаш си мислам дека смисолот на животот е да се разменуваат приказни со луѓето околу нас, не само со оние кои се физички блиску околу нас, туку и со оние со кои сме блиску во мислите. Богат е оној човек кој во себе носи што поголем грст на приказни. Материјаните богатства доаѓаат и си одат. Но приказните не може никој да нѝ ги земи.

Во Среда на 19ти јуни во Скопје ќе одржиме промоција на Лексиконот на Странски Сликари во Македонија во периодот 1850-1950. Ќе донесам на промоцијата најмалку 40-тина слики од овие сликари. Ќе се обидам да ви ја пренесам приказната вткаена во секоја од тие слики од изложбата. Приказната во која Македонија е дел од европските ликовни движења. Приказната во која овие Европјани стануваат дел од историјата на Македонија. Приказна во која уметноста е универзална сила која ги спојува и обединува сите луѓе од Македонија, без разлика на кој јазик зборуваат или на кој Бог се молат.

Изложбата ќе трае само една вечер и само неколку часови после 18:00 часот кога е закажана промоцијата. Не можам да Ви ветам дека ќе има друга прилика. Би сакал да можам да ја „прошетам“ колекцијата насекаде низ Македонија и да ви ги подарам сите овие приказни, но мојот труд, време и пари се ограничени. Проектот „Лексикон“ е моја приватна иницијатива која јас лично ја туркам „на мускули“.

Ве поканувам сите во Среда. Да се запознаеме и во физичкиот свет. Да си размениме приказни кои ќе ги носиме во себе и кои ќе ги кажеме некому. Тоа е и смисолот на животот, зарем не?

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.