Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Книжевен бинокулар“ од Соња Стојменска – Елзесер, добитник на наградата „Димитар Митрев“ за најдобра критичко-есеистичка книга за 2022 година според Друштвото на писателите на Македонија.

За книгата ќе говори проф. д-р Анасатастија Ѓурчинова, а промоцијата е дел од децениската традиција на библиотеката на поддршка и претставување на наградените книги од ДПМ пред пошироката јавност.

„Книжевен бинокулар“, во издание на Институтот за македонска литература, е дело со книжевни и културолошки есеи кои во фокусот поставуваат актуелни истражувачки прашања од македонската култура. Оваа публикација има структура на мозаик со теми и проблематики кои авторката ги истражувала изминативе неколку години, а сите се однесуваат на македонскиот книжевно-културен контекст.

-Сите дваесет и два есеистичко-критички, книжевно-научни и културолошки текстови поместени во оваа збирка дишат во ритамот на едуцирана компаратистичка промисла на книжевните феномени, што првенствено се докажува со доминација на компаративниот метод и самата компаратистика како тема на повеќето студии. Но, тоа не само што не ѝ пречи на контактибилноста на овие писма со читателите од најразлична провиненција, туку напротив, може да биде и интересно и корисно четиво за различни генерации и профили читатели, забележува во поговорот проф. д-р Наташа Аврамовска.

Промоцијата на „Книжевен бинокулар“ во Градската библиотека е дел од богатата понуда на Град Скопје – кандидат за европска престолнина на културата за 2028 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.