Збирката раскази „Грамадата на пристаништето“ од словенечкиот писател Борис Пахор (1913 – 2022) вечер ќе биде промовирана во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Делото го издаде Издавачката куќа „Арс Ламина“. Промоцијата е во рамки на четвртото издание на фестивалот „Денови на литературата“, што се одржува од 6 до 20 февруари.

На промоцијата ќе се обратат Дарка Звонар Предан, публицистка и новинарка од областа на културата во мариборскиот весник „Вечер“, која го истражува творештвото на Пахор и авторка на поговорот во македонското издание на расказите „Грамадата на пристаништето“, преведувачот од словенечки јазик Дарко Спасов и уредничката Бисера Бендевска, во улога на модератор на разговорот.

„Грамадата на пристаништето“ првпат е објавена во 1972 година во Љубљана и главно била наменета за средношколци и студенти, со многубројни белешки што би им користеле на помладите читатели. Во збирката се застапени шест раскази: „Грамадата на пристаништето“, „Пеперуга на закачалката“, „Бродолом“, „Цвеќе за лепрозниот“, „Ориент експрес“ и „Непоимливото прашање“.

Борис Пахор е еден од најважните и најпреведуваните словенечки писатели. Неговите дела се преведени на македонски, француски, германски, српски, хрватски, унгарски, англиски, шпански, италијански, каталонски, фински и есперанто. Најпознат е по автобиографскиот роман „Некропола“, за животот во концентрациониот логор Нацвајлер-Штрутхоф.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.