Дебитантската стихозбирка „Песнило“ од младата поетеса Ива Петреска ќе биде промовирана в среда, 27 март, со почеток од 20:00 часот во „Кафе Лаб“ („Лабораториум“) во Скопје. Збирката низ разговор со авторката ќе ја претстави Јулијана Величковска, а настанот ќе биде збогатен и со изложба на
фотографии од Колевски.

‒ „Песнило“ пее за сите нешта што се чувствуваат на кожата, што ежат, што горат, што оставаат лузни, а потем сече, слој по слој, со прецизен и остар јазик како скалпел, соголувајќи го гнилото во нас и во општеството, за накрај в раце да го држи нашето срце и од нас зависи дали ќе ни заврши во тегла ‒ Јулијана Величковска.

 

‒ „Песнило“ ќе ви ги отвори очите, ќе ве разбесни, ќе ве насмее, ќе ве налути, ќе ве праша дали сте здрави и ќе ве прекори. Ова е стихозбирка што беснее меѓу двете корици, а ако има беснило, Ива Петреска ќе ја излечи со нејзиното песнило ‒ Андреј Медиќ Лазаревски.

‒ Ете така, само понекогаш, ќе се појави млад женски глас што патува низ времето, и постои отсекогаш до којзнае кога, ако не и засекогаш. Ива Петреска со својот младешки импулс и глас им ја дава живоста и бојата на нештата од кои е составен товарот на животот. „Песнило“ е анатомија на суштественото; песните се хируршки прецизни резови преку кои се прави пристап до телесното и духовното, од каде излегуваат звучно и тактилно, со сета своја силина, љубовта, презирот, молкот на едниот и крикот на другиот, болката на местото на љубење, сето тоа длабоко од внатрешноста на срцето, директно од местото на допирот, однатре истекува сета зачуденост од неправди и лаги, сета растргнатост помеѓу грижата за другиот и гневот кон него, сета храброст одново и повторно да љуби. „Песнило“ е сите прашања, сите повици да се разбуди другиот, да се биде буден, да се гледа, да се држи погледот вперен во убавината, во апсурдот, во животот, да се биде една од „жените што трчаат со волците“, да се биде дива, а не сива ‒ Д. А. Лори.

 

Ива Петреска (2001, Скопје) студира на Медицинскиот факултет во Скопје. Учествувала на повеќе поетски читања, како што се: „Поетска епизода“ и „Клинци“ во организација на „Култура Бета“,„Отскочна даска“, настан за млади во рамки на Скопскиот поетски фестивал, „Добри гости“, и др., а неколку нејзини песни се објавени во „Репер“. Застапена е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ (2023, ПНВ Публикации). „Песнило“ е нејзина прва стихозбирка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.