За 22 септември, во 20 часот е закажана промоцијата на романот „Вошицки“, од Марко Грегур, кој доаѓа од Хрватска, во просториите на Младинскиот културен центар, Скопје.

Романот е добитник на наградите „Фриц“ и „Владимир Назор“ во 2020 г. Промотор е, Сашо Огненовски, кој е и преведувач на делото, а модератор ќе биде Јулијана Величковска.

„Вошицки е роман за бескрајот на страдањето на човекот чиишто книги останале како дел од вечноста. Винко (Винценц) Вошицки, натурализиран Чех во Копривница во виорот на турбулентната историја на првата половина од дваесеттиот век го живее проклетството на печатарот, на оној што ја документирал историјата што секогаш и со голема сила го удирала и се обидувала да го уништи. Во неговиот животен пат, сјајно раскажан од Марко Грегур, се препознава целата мачнина на политичките пресврти, се вскусува горчливиот вкус на трагичната вина на човекот чијашто благородност е епохална“, пишува Огненовски.

Марко Грегур (Копривница, 1982) дипломирал на Економскиот факултет во Загреб, додипломски студии за односи со јавноста и медиуми на Универзитетот за односи со јавноста и студии за медиуми во Каирос (ВЕРН) и постдипломски студии по меѓународни односи и дипломатија на колеџот за меѓународни односи и дипломатија Даг Хамарскјолд. Пишува поезија и проза. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: „Фриц“ (2020) и „Владимир Назор“ (2020) за романот Вошицки, наградата „Иван витез Трнски“, наградата „Улазница“ и „Прозак“ награда за најдобар прозен ракопис од автор на возраст до 35 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.