Книгата „ОбојОбојОбој“ од авторот Јордан Николов ќе биде промовирана на 26 мај (четврток), со почеток во 19 часот, во КЦ „Магаза“, Битола. Збирката раскази, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е најново прозно остварување на Николов – битолчанец, книжевник и диск-џокеј. Промоторка на книгата ќе биде Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“.

Во оваа книга по првпат (колку што му е познато на авторот) се применува методот на Бјордан (Byordan) – техника за одредување просечно времетраење на едно книжевно дело (вредност дефинирана откако бил тестиран примерок од 37 случајно одбрани читатели во различни временски услови, расположенија, периоди од денот, местоположба, замор и исцрпеност од работни обврски или наспани и одморени разгалени студенти, влијанија од кофеин, алкохол или слични стимуланси или отсуство од нив…). Накусо: тоа е времетраењето потребно за едно книжевно дело (во овој случај – расказите) да се прочита во вообичаени, секојдневни околности.

Замислени како музички секвенции, расказите на Николов брзо прескокнуваат од една тема на друга, меѓутоа никогаш на начин на кој нешто ќе остане недокажано. Напротив, во манир на искусен раскажувач, Николов го исцрпува токму она што е потребно од наративниот објект и го претекува во ефективен наративен фрагмент, вели Илија Упалевски во освртот кон делото.

По официјалното претставување на книгата, во „Магаза“ ќе следува диџејски настап на авторот Николов.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.