Во Националната галерија вечер ќе бидат промовирани четворицата уметници финалисти на наградата „ДЕНЕС 2022″, Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров. Организацијата „Факултет за работи што не се учат” во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници” (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по шеснаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата ДЕНЕС 2022 за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Македонија до 35 години.

За утревечер е предвидена изложба на четворицата уметници и церемонија за наградата.

Жири комисијата за наградата ДЕНЕС е составена од Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата”, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата ДЕНЕС во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопје викенд на гордоста”, интердисциплинарен фестивал за квир уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.