Во Спомен-собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Бујрум ако смееш, прочитај ја тишината“ од Емељ Туна. Промотор на книгата е Владимир Мартиновски, стихови ќе чита Биљана Стојановска.

Збирката содржи 52 песни кои, иако не се формално поделени во циклуси, можат да се „сместат“ во неколку поетски целини. Тие целини немаат ограничувачки ниту разграничувачки карактер, бидејќи песните се прелеваат од една во друга и така создаваат еден заеднички колаж на емоции. – Во збирката се забележливи повеќе тематеми кои се симболичко јадро на поетските слики. Збирката „се отвора“ пред читателот со тишината. Симболот на тишината, како антипод на зборот кој е праизвор на сè, често се среќава како во македонската така и светската поезија – вели Атина Цветановска.

Емељ Туна e родена е 1977 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, а магистрирала и докторирала на шведскиот земјоделски универзитет од Упсала. Работи како вонреден професор на Институтот за агроекономика, на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Авторка е на четири збирки поезија „Хоризонти“ (1998), „Паралелни светови“ (2002), „Бујрум ако смееш, прочитај ја тишината“ (2021) и „Чудна пролет ќе ти раскажам“ (2022). Учествувала на повеќе поетски натпревари и манифестации на кои е добитник на неколку награди и признанија. Нејзината поезија е дел од поетски монографии како „Астални проекции“ и „100.000 Поети за промена“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.