„Секој секому огледало“ е насловена новата стихозбирка на Андреј Ал-Асади, во издание на „ПНВ Публикации“, која вечер од 20 часот ќе биде промовирана на платото пред Младинскиот културен центар.

Поетската книга ќе ја промовира проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, а разговорот со авторот ќе го води Јулијана Величковска, според која со оваа книга Андреј Ал-Асади гради дом врз темелите на стара куќа.

Со јазик што пулсира низ времето и сочинува нови врски. Тој наснова нови нишки на невидливиот разбој на кој се ткаеле најубавите македонски песни, добро ги затегна меѓу кросната и снове со најубава преѓа.„Секој секому огледало“ е книга „цел еден свет“ што „татни во тебе, тропа, гребе, завива, да излезе, да прогледа“ сака! Дозволете ѝ на оваа книга да протече низ вас, не само еднаш, неколку пати, оти секогаш е инаква, како вода од река, наведува Величковска.

За новата збирка поезија на Ал-Асади, поетот Славе Ѓорѓо Димоски вели дека се работи за прочистена и зрела книга, со рафиниран израз и особен поетски јазик.

Сите песни се длабоко промислени, експресивни, со амбиција да ги продлабочат и прошират видиците на поетскиот свет. Во нив се препознава вистински мајстор, кој поетските синтагми ги спојува во најубавите и најасоцијативните слики во современата македонка лирика. Поетот апострофира низа податоци, дури и детали од културниот, историскиот, менталниот склоп и со личните, внатрешните превирања, стиховите ги сместува во најфиниот простор помеѓу сетилното и артрикулацијата на мислата. Станува збор за исклучителна поетска книга, вели Ѓорѓо Димоски.

Според Ѓоко Здравески, пак, „Секој секому огледало“ е време исполнето со смисла.

Во оваа книга поезијата повторно пее во ритам и во рима, убавиот македонски јазик е оживеан, на старите подзаборавени зборови им е најдено ново место. Андреј Ал-Асади ем знае што прави ем знае како да го направи тоа. Необична, разиграна книга, а пак сериозна, баш каков што го знам и Андреј – сериозен, строг, со опасна смисла за хумор и со насмевка под мустаќ, смета Здравески.

Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации) и „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделува фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово и Струшките вечери на поезијата. Негови песни се преведени на англиски, арапски, српски, хрватски и на италијански јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.