-Светот на книгите е светот на бескрајните можности. Светот на книгите, заедно со светот на уметностите е непроценливата смисла на човековото постоење. Да се чита книга, значи да се открива нов свет. Книги имало и ќе има секогаш, се додека постои човековата потреба за знаење, за раскажување и за читање на се што е напишано, се вели во македонската порака на проф. д-р Ана Стојаноска, која авторката денеска ја прочита во Националната и универзитетска библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Скопје, за време на одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право – 23 Април, востановен од УНЕСКО во 1995 година.
Овој датум се одбележува секоја година во целиот свет на 23 април како симболичен датум во светската книжевност, бидејќи токму овој ден е поврзан со брилијантните личности на пишаниот збор како Мигуел де Сервантес, Вилијам Шекспир, Лопе Де Вега.
Идејата се заснова на стариот каталонски обичај да се подари книга и роза. Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје е вклучена во ова празнување и е коoрдинатор на активностите низ државата, годинава со поддршка на амбасадите на Шпанија и на Германија и издавачките куќи Арс ламина и Арс – студио.
Во својата порака, Стојаноска вели дека во книгите се скриени сите одговори, дури и на оние непоставените прашања. Книгите, како што појаснува, постојат од првите човекови обиди да се раскаже приказната, да се напише одредено сведоштво, да се остави трага низ вековите.
– Книгите се создавале и се пишувале, но пред се, се чувале за да бидат дел од колективната оставнина на човештвото. Книгите ни се многу потребни денес. Посебно денес, кога светот станува нетрпелив, брз, дефокусиран, кога не се чита толку многу, кога се пишува непотребно многу, кога вредностите се изменети, кога човештвото се наоѓа толку блиску до сопственото уништување. Книгите ни требаат на сите. На малите деца да го научат и да го проучат светот што го среќаваат за првпат, на младите луѓе кои побрзо сакаат се одеднаш и веднаш, на луѓето во сериозни години за познавање на некои други времиња, појаснува авторката во македонската порака.
Како што посочува Стојаноска, книгите ни требаат. Но, потенцира, оние вистинските книги, кои не учат дека да сонуваш и да остваруваш не е непознато.
– Нам ни требаат книги кои ни донесуваат нови светови. Книгите, кои ни го објаснуваат овој свет и сите други науки. Книгите со кои раснеме, книгите кои не не оставаат да спиеме, книги што скришум ги препрочитуваме. Колку се важни книгите, може да видиме и во некој режим, дури и во некои научно фантастични приказни, каде што на човекот кога му ја одземаш книгата му ја одземаш слободата. Книгите се слобода. Да се пишува пак, значи да се создава еден нов свет. Колку сите приказни да се раскажани, секогаш има некоја која може да се раскаже на друг начин, додава Стојаноска. Во порака на генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле, која денеска за време на одбележувањето на Светскиот ден на книгата ја прочита авторот Благој Веселинов, се вели дека книгите се едни од најневероватните предмети кои постојат.
– Со книгите учиме да читаме благодарение на нив, стануваме информирани, се забавуваме и сме способни да го разбереме светот. Книгата е исто така исклучителен начин да се откријат светови, кои инаку би било тешко да се сретнат. А уште потешко, да се разберат. Книгите овозможуваат комуникација меѓу местата и времињата и со тоа ни нудат интимен пристап до другарства и поттикнуваат меѓусебно почитување и разбирање меѓу поединците и културата. Сепак, за книгите да можат да го ослободат својот целосен потенцијал од суштинско значење е тие да ја одразуваат извонредната мистичка разновидност на нашиот свет. Секој пишан јазик со себе носи посебен свет, посебна перспектива за нештата и суштествата, посебен начин на размислување и чувства, потенцира во пораката Азуле.
Таа испраќа порака да ги промовираме делата од сите култури, на сите јазици онлајн, како и првично да ги наградуваме сите кои се занимаваат со книжевност и книжевната индустрија, почнувајќи од авторите. Директорот на Националната и универзитетска библиотеката „Св. Климент Охридски“ Рахметула Куќи во своето обраќање денеска рече дека ниту еден друг воспитен и образовен инструмент, ниту телевизија и другите средства за информирање не можат да го заменат читањето на книгата.
Тој потенцираше дека Светскиот ден на книгата и авторското право се одбележува со цел да се признае моќта на книгите за подобрување на нашиот живот. Но, и за да ја поддржиме книгата и оние што ја создаваат. – Секогаш се навраќаме кон пишаниот збор, кон книгата, по потрага по вистината. Ниту еден друг воспитен и образовен инструмент ниту телевизија и другите средства за информирање не можат да го заменат читањето на книгата. Книгите се непроценлива платформа за слобода на изразувањето и непречен проток на информации, што е составен елемент на секое современо општество, посочи Куќи во обраќањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.