Колаборативниот проект ШТАМПАЊЕ ЗАЕДНИЧКИ ПРОСТОР, во кој учествува визуелниот уметник Филип Јовановски од Република Македонија во соработка со студенти од ФДУ и Архитектонски факултет од Скопје, како и Факултети од Нови Сад и Ријека, ја доби престижната меѓународна награда „Ранко Радовиќ”, во категоријата за најдобра мултимедијална поставка/изложба, што ја доделува Здружението на ликовни, применети уметници и дизајнери на Србија  за 2022 година.  

 Жирито за доделување на наградата Ранко Радовиќ во категорија 3 (телевизиски емисии, изложби, мултимедијални презентации) едногласно одлучи да ја додели наградата на: д-р Александра Пештерац, д.и.а., м-р Лара Бадурина, мултимедијална уметничка, скулпторка и на м-р Филип Јовановски, д.и.а, визуелен уметник за проектот „Штампање заеднички простор“, програмска линија Collab Commons, Биенале за сценски дизајн, Нови Сад, 2022 година.

Жирито во состав: проф.д-р Миа Давид, д.и.а., сценографка, кураторка (претседателка на жирито), д-р Ана Џокиќ, д.и.а, кураторка и Борис Миљковиќ, режисер, писател, одлучи наградата да ја додели на оваа соработка поради тоа што е „заедничка работа и повторно промислување на модернистичката архитектура на просторот на поранешна Југославија“ како и поради „третирањето на овој простор сеуште како заеднички културен простор што е од исклучително значење за создавање на подобро разбирање и полесна заедничка иднина на генерациите кои доаѓаат“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.