„Должност наша е да зборуваме, размислуваме и пишуваме македонски, да го сакаме својот јазик, својот народ и својата култура. Ние има со што да се гордееме оти земјата МАКЕДОНСКА создала многу великани. Тие се нашето културно богатство и инспирација. Тие се нашите учители и нашиот национален белег. Тоа е нашиот голем поет Анте Поповски. Неговиот збор ги отвори душите на талентираните млади творци средношколци и успеа да создаде низа од зборови кои го испишаа денешниот ден и останаа како документ на проектот „Поезија во фармерки“, остварен преку четири креативни работилници за убаво пишување поезија но и на други литературни творби, на што сме незмерно горди“- oва е кусото резиме кое произлезе на завршниот настан по работилниците одржани во периодот април-октомври годинава, во библиотеката на СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, со учество на 30 талентирани ученици од шест скопски средни училишта: СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“; СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“; СУГС Гимназија „Орце Николов“; СУГС Гимназија „Никола Карев“; СУГС „Георги Димитров“ и СУГС ,,Димитар Влахов“.

Целта на проектот „Поезија во фармерки“ беше да ги инспирира, мотивира и вклучи средношколците во процесот на приближување до македонската поезија, да ги поттикне да мислат, читаат, пишуваат и живеат со јазикот на својата родина и да негуваат култ кон книгите и вистинските духовни вредности, што е основна цел и начело на целокупното дело на Анте Поповски.
Беше вистинско задоволство да се работи со овие исклучителни млади луѓе, кои денеска не направија посебно среќни што сме нивни професори и што сме успеале во нашата мисија е заедничката констатција на модераторите, ментори и обучувачи на работилниците, професорките Татјана Алексиќ и Мими Спасова . Тие упатија благодарност и до своите колешки од споменатите гимназии, кои за целото времетраење на проектот ги мотивирале учениците да пишуваат и размислуваат на македонски!

Уживавме во убавото емотивно дружење со младина која што љуби поезија и ветува иднина за македонскиот јазик. Учениците и учесници во работилницата ,,Поезија во фармерки” ни ги разиграа срцата читајќи ги своите творби, инспирирани од ликот и делото на Анте Поповски“, рече професорката Татјана Алексиќ.

Професорката и модератор, Митра Мими Спасова своето обраќање го заокружи со зборовите:

Наша должност е да зборуваме и да размислуваме на својот јазик. Кога ќе зачекориш низ македонскиот јазик стануваш поблизок до својата родина, а потоа и до самиот себе. Допираш до дамарите на својата душа. Ги палиш кандилцата повторно и повторно недозволувајќи им никогаш да угаснат ,оти тие ја крепат креативната мисла. Должноста на Жорж и Александар Поповски кон нивниот татко е и наша должност затоа што Анте е национално богатство за кое треба сите заедно да се грижиме. Се поклонуваме пред неговиот збор со креативна мисла и новосоздаден збор од овие млади луѓе кои мотивирани од широката поетска реч на Анте создадоа свои прекрасни поетски текстови.

До присутните се обрати и Жорж Поповски, кој информирајќи ги учениците за целиот проект и за манифестацијата Антево перо, истовремено ги охрабри да пишуваат и да ги следат конкурсите за необјавена збирка поезија на македонски јазик во конкренција за наградите „Антево перо“, Антев златник“ и Антев часовник. Тој додаде дека Манифестацијата и Здружението АНТЕВО ПЕРО поддржуваат млади и неоткриени таленти кои имаат креативни поетски остварувања.
Во продолжение се читаа остварувањата на присутните ученици, кои беа мотивирани од поезијата на Анте Поповски. Учениците имаа свои поетски творби, есеи и куси осврти и поздравни обраќања, кои посочија на можноста за публикување во перспектива на креативен колаж кој го провоцира зборот на Анте Поповски. Во текот на читањето се слушнаа бројни воодушевувачки коментари, а Александар Поповски мотивиран од текстовите на учениците, наведе конкретни примери поврзани со животот на неговиот татко, а тоа уште повеќе ги усреќуваше овие млади луѓе. Тричасовното другарување беше заокружено и со доделување на благодарници од страна на Здружението АНТЕВО ПЕРО на учениците и нивните ментори и заедничко фотографирање на сите учесници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.