Проектот Inter spem et metum / Помеѓу надеж и страв / Between hope and fear на авторката Славица Јанешлиева и Националната галерија на Република Македонија е избран за официјален претставник на Република Македонија на 60. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2024 година.

Во образложението на стручната комисија при Министерството за култура, во состав: Станко Павлески (ликовен уметник), Зоран Петровски (историчар на уметноста) и Луан Зенку (ликовен уметник), стои:

Проектот е дводелна просторна инсталација во која Јанешлиева гради (авто)поетична лирска метафора поттикната од ехо на чувства од издвоен лик од басната Грдото Пајче на Х. К. Андерсен, сопоставувајќи засебна релациска целина од слики – огледални рефлексии, надградени со истовремено „лајф“ снимени и проектирани слики – аголни визури на сопствениот лик – фигури пред огледалaта надополнето и со позната детска мелодија од американските ’40 – ’50 г. на минатиот век, во духот на басната употребена во претходната односна целина, воспоставувајќи илустративност на бивањето на поединецот странец или не, во најширока смисла на зборот.

На Конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Македонија на 60. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2024 година, во организација на „Венециското биенале“ (La Biennale di Venezia), годинава пристигнаа и беа разгледани три пријави, за проектите: „Inter spem et metum/Помеѓу надеж и страв/Between hope and fear“ од авторката Славица Јанешлиева и Националната галерија на Република Македонија, кој беше прифатен, и „Ничија уметница/Nobody’s artist“ од Весна Стефановска и „Разгледница од маргинитеРасплетување на животи, издржливост и други приказни“ од Ѓорѓе Јовановиќ, кои се одбиени бидејќи не ги исполнуваат во целост условите и критериумите на Конкурсот.

Венециското биенале на уметноста ќе се одвива од 20.4. до 24.11.2024 година.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.