За својата нова публика, најмалите Џифонци, фестивалот „Џифони Македонија“ го избра данскиот филм „Карираниот нинџа“ за третата сесија на програмата „Џифони филмски денови“, што ќе се организира в сабота (23 април) во Кинотеката. Во 10 часот филмот, синхронизиран ќе биде прикажан на македонски, а во 12 часот – на албански јазик. „Кариран нинџа“ е наменет за публика од шест години нагоре.

Првите две сесии на „Џифони филмски денови“ во изминатите две саботи поминаа во одлична креативна атмосфера, со многу интересни дискусии по прикажаните филмови. Љубопитните млади џифонци им поставуваа прашања на гостите од „Марви продакшн“ и на младата режисерка Леона Јариќ, кои ги претставија своите досегашни проекти.

Анимираниот дански филм „Кариран нинџа“ е во режија на Андерс Матесен и Торбјорн Кристоферсен. Приказната на анимираната детска авантура зборува за Алекс, ученик кој добива нинџа кукла од неговиот чичко Стјуарт по патувањето во Тајланд. Алекс наскоро сфаќа дека чудната шарена кукла, со копчиња неместо очи, всушност е жива и може да му помогне да се заштити од насилниците на училиште. Меѓутоа, кога Алекс одлучува да ѝ возврати услуга на нинџа куклата, тој открива дека е таа опседната со мисијата да ја одмазди.

Филмот е базиран врз книгата од данскиот комичар Андерс Матесен, кој исто така го режираше филмот заедно со Торбјорн Кристоферсен. Филмот беше селектиран во детската програма на Берлинскиот филмски фестивал 2018, а рушеше рекорди во кината низ Данска. „Кариран нинџа“ е добитник на наградата „Роберт“ од Данската филмска академија за најдобар филм за деца и млади, како и наградата за најдобро адаптирано сценарио.

Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм и од Кинотекатa, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.