Интерарт културниот центар во соработка со Хера – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, најавува продолжување на проектот „Простор за разговор“ со кој, преку уметнички активизам сака да ја подигне свеста за родовата еднаквост. Проектот се базира на вистински животни приказни, чии сценски рефлексии ќе бидат отсликани преку современ танцов перформанс. Директорот на Интерарт културен центар, Матеа Мијановиќ, кој го води проектот, смета дека е „важно да се продолжи со делувањето, па така и „Простор за разговор“ го продолжува својот пат, бидејќи како што истакна и претходно, важно е да се постават прашања во однос на темата и јавно да се разговара за истата“.
„Простор за разговор“ е проект кој се базира на истражувања на темата за родова еднаквост и кој, преку уметнички активизам, лични искуства, вистински приказни на лица од различен род, возраст, различно јазично говорно подрачје и социјално опкружување, создава уметничка рефлексија во форма на современ танцов перформанс. Посебен аспект на проектот е истражувањето на спецификите на темата, социолошкото опкружување, разбирањето на темата, посебно на лица кои се директно инволвирани во ситуации, во кои не се почитува правото на еднаквост на жените и мажите, кои се клучни за рамномерен развој на едно општество, каде што ќе владее мир, одржливата демократија и економскиот развој.
Проектот се фокусира на проблемите со кои се соочуваме на темата на родова еднаквост и сакаме да го свртиме вниманието на јавноста кон овој горлив проблем. Лично, како уметник, сакам преку уметнички активизам да допринесам во ослободување и поголемо социјализирање на општеството. Досегашното искуство ни покажа дека е неопходно да се делува, да се разговара, посебно со младата популација за да можат на поадекватен начин да се справат со проблемите кои ги засегаат и сметам дека сите треба да делуваме во таа насока, да создадеме едно похумано и по грижливо општество, во кое секој ќе го најде своето место и ќе може да живее без стеги и страв. Им благодарам на сите соработници и партнери низ градовите во земјава, каде ќе се одржуваат настаните на проектот“ – вели кореографката и универзитетски професор Рисима Рисимкин.
„Простор за разговор“ се состои од краток филм и танцов перформанс, кои претставуваат уметничка рефлексија на темата и ќе бидат изведени од танчерите на Скопје танцовиот театар. По перформансот ќе има разговор на темата за родова еднаквост со публиката, со цел справување на проблемите на младите. Поканети се социолози, активисти и психолози, кои ќе говорат за тоа каде сме и што треба понатаму да направиме во однос на социјалната положба и родовата еднаквост, воедно ќе се споделуваат искуствата. Проектот „Простор за разговор“ (волумен 2) е поддржан од Германија, преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи на Западен Балкан.
Настаните ќе се одржат во повеќе градови и тоа на 20 мај, во 12 часот во Куманово на сцената на НУКЦ „Трајко Прокопиев“; на 21 мај, во 12 часот во Штип на сцената на Мултимедијалниот центар на УГД; на 22 мај во 12 часот, во Велес, на Малата сцена Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“; на 23 мај во 12 часот во Битола на Новата сцена на Народниот театар и Домот за култура; 3 јуни во 20 часот во Охрид во Младинскиот центар и на 4 јуни во 12 часот во Струга на сцената на Културниот центар „Браќа Миладиновски“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.