Во чест на 13 Ноември, како и во рамките на одбележувањето на својот 78. роденден Градската библиоитеката „Браќа Миладиновци“ ја организира промоцијата на книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова. Промоцијата е закажана за понеделник (13 ноември) во 12 часот во спомен-собата „Т’га за југ“. За делото ќе говори Весна Мојсова Чепишевска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

„Книжевна мапа на Скопје“ (издание на Центарот за култура и културолошки студии) е дело во кое Илкова ја истражува новата македонска книжевна сцена кај која односот кон градот повторно се пројавува како една од доминантните творечки преокупации.

Следејќи ја хронологијата на книжевните дела поврзани со Скопје што ни ја овозможува Илкова, повторно се потврдува дека како што посочува и таа – Скопје во секој период од своето постоење бил најубав град, само тоа, речиси секогаш (барем во книжевноста), отпосле му е признато, подвлекува Иван Антоновски, уредник на книгата.

Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија. Ама оваа книга, поради истражувачката темелитост со која се одликува им е потребна и на македонската книжевна наука и на македонската културологија – пишува во рецензијата Весна Мојсова Чепишевска.

Моника Илкова е родена во 1993 година во Битола. Има дипломирано и магистрирано на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2017 година работи како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш. Има учествувано на повеќе конференции и собири како „Млади македонисти“, „Како си ми?“, „Меѓународен славистички собир“, и има објавено текстови во повеќе книжевни списанија. За време на студиите, има работено како уредник во издавачката куќа „Антолог“, има преведено неколку романи од англиски на македонски јазик и била дел од организацијата на Фестивал на европска литература „BookStar“. Освен со книжевност, се занимава и со графички дизајн.

Настанот е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.