Писателот Блаже Миневски е добитник на Признанието за афирмација и популаризација на ликот и делото на Ацо Шопов кое го доделува Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип.

По тој повод денеска се одржа промоција на избраните дела во пет тома од Миневски, за кои зборуваа Трајче Кацаров и Марина Мијаковска. Изданието го приреди Раде Силјан, а ликовно-графичкиот дизајн е на Кристи Георгиевски.

-Досега сме им дале признанија на десетина и установи и поединци. Годинава носител на ваквото признание ќе биде Блаже Миневски, романсиер. Тој е познат и како новинар, но дал и свој придонес за она што значи македонска литература, а понира и во некои историски моменти коишто ги пренесува преку своите статии, рече Трајче Кацаров од НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

Промоцијата се одржува по повод 20 април, денот кога починал Ацо Шопов, но е во рамки на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на поетот, која се реализира во текот на целата година.

-Ние имаме и програма којашто преку целата година ќе биде посветена на ликот и делото на Шопов. Всушност, преку програмски активности ќе се навраќаме на неговите моменти, особено на неговата литература, неговиот лик и сè она што Ацо Шопов бил за време на своето живеење и она што го оставил по неговата смрт за нас претставува огромна чест да го чествуваме неговото име и нашата институција да го носи неговото име. Нели, Домот на културата заедно со Театарот го носи името на Ацо Шопов, додаде Кацаров.

Издавачкиот проект е реализиран во рамки на јубилејот – триесет години од основањето на издавачката куќа „Матица македонска“ од Скопје, а на промоцијата беа достапни и избрани наслови со попуст и по саемски цени на Клуб Матица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.