Прилепскиот Завод и музеј се приклучува кон манифестацијата „Европски денови на културно наследство“, преку специфично подготвени настани на тема „Одржливо културно наследство“. За оваа цел во наредните денови се подготвени 5 настани, а првиот од нив беше насловен „Уметниците во музеите – музеите со уметниците“, на кој настан прилепските уметници имаа изложба во Лапидариумот.

„Можам со задоволство да кажам дека сме еден од центрите кои учествуваме заедно со 70.000 настани во Европа, оваа манифестација се одржува во 50-тина држави. Ние сакавме да ја покажеме пред се инклузивноста на нештата, да ја покажеме креативноста и да ја поттикнеме имагинарноста кај младите, посебно кај школската младина. Меѓутоа со сите овие настани и граѓаните ќе бидат инволвирани во овие нешта“, истакна Горан Цветкоски, директор на Завод и музеј Прилеп.

Културното наследство е голема инспирација за нашите уметници. На изложбата учествуваа 23 уметници, а секој уметник твореше по своја желба и инспирација. Идејата е во иднина музеите многу повеќе да бидат отворени за граѓаните и тука да се организиираат голем број настани.

„Има предлог да се направи една програма која што ќе биде од традиционален карактер за да може секоја година барем по 2 изложби да се направат за да ги поттикнеме луѓево почесто да не посетуваат и пред се целна група ни е младата популација или школската. За да ги запознаеме што работеле нашите предци, што правеле, со што занимавале, кои занаети. Што е ископано во неолитот, во римско време…, да имаме еден едукативен карактер на музејот“, додаде Маја Ралева Миладиноски, куратор на изложбата.

На првиот ден од овој серијал на настани во музејот присуствуваа ученици од основните училишта во Прилеп.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.