Во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, утре со почеток од 12 часот, ќе биде промовирана  најновата збирка поезија  “Љубов распослана по морето”, од  истакнатиот хрватски поет Валерио Орлиќ.

Воедно ќе биде претставен и неговиот творечки опус, кој опфаќа над 25 објавени дела во Хрватска и уште десетина други земји.

Настанот е дел од големата турнеја по Македонија и Албанија, како и неговата земја Хрватска, каде, Орлиќ ќе биде гостин на 21-те по ред “Јадрански книжевни средби” во Црквеница, Хрватска, од 3 јуни и ќе му биде претставено неговото книжевно создавање.

Покрај во Охрид, Орлиќ ќе биде претставен и во Битола на  31 мај, а во меѓувреме, ќе учествува на поетскиот фестивал “Поетски вечери” во Корча Албанија, од 28  мај.

Орлиќ е добитник на низа домашни и меѓународни признанија за неговиот придонес во книжевноста во Хрватска,. Македонија, Италија, Словенија, Србија, Бугарија, Полска, Унгарија и други земји.

Меѓу другите и на Меѓународната награда „Хомер“ за придонес  во европската и светската книжевност – Брисел, 2018.

Од 2018 година го носи признанието “Витез на светската поезија”.

Кај нас добитник е  на „Балканската награда за поезија“  на 46-ите Караманови средби во Радовиш (2019), како и на „ Струшко слово“ Струга, 2015 и  „Слово“ Битола, 2016.

Орлиќ е основач и почесен претседател на Хрватското книжевно друштво, почесен член на Здружението на независните писатели на Бугарија, на Националната унија на писателите на Украина, како и на Академија Презент од Скопје, Македонија.

Орлиќ, вчера, беше  специјален гостин на чествувањето на 24 мај, Денот на сесловенските просветители, меѓу етничките Македонци во Албанија,  при што беа одржани низа  промоции на книги и  поетски читања од страна на автори од Македонија и Албанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.