Во рамките на јубилејното 10-то издание на интернационалниот детски фестивал на театар на сенки “СОНОТ НА ОБЛАЧЕТО”, во вторник, 7 ноември 2023 година, во салата Фросина во Младинскиот Културен Центар во Скопје, со почеток од 19:00 часот, ќе може да ја погледнете претставата со сенки „Мојата Сенка и Јас“.

МОЈАТА СЕНКА И ЈАС е инспиративна претстава со сенки која веќе 6 години ја плени публиката ширум светот со своите учества на реномирани театарски фестивали. Мајсторската игра на англичанецот Drew Colby ќе ве нурне во длабочините на светот на сенките. Неговите вешти раце магично ќе “насликаат” на белото платно еден љубопитен лик кој ќе се запознае со сопствената сенка и заедно ќе се впуштат во невообиачени авантури кои ќе ве занемат.

Визуелно воодушевувачка и мудро раскажана фрагментарна приказна за природата во која сè се менува. Дејството се случува пред очите на публиката, демифистицирајќи го чувството на анимација, кон што се надоврзува изведбата на звуци и музика во живо. Еден актер, еден извор на светло малку магија и безброј можности.

Drew Colby е соло-изведувач и автор на претстави со сенки, воедно и епизоден актер и консултант во бројни филмски проекти каде има игра со сенки. Својата 30 годишна кариера како куклар ја започнува во Јужна Африка, а потоа Англија и Ирска. Дури деценија подоцна го открива театарот на сенки, по што заминува на уметнички престој во театарот “Budrugana Gagra” од Грузија, кои беа наши фестивалски гости во 2016-та година и ја изведоа претставата “Четирите годишни времиња”. Ова е прво гостување на Drew Colby на Балканот, се надеваме не и последно! Препознатливиот стил на игра на Drew Colby е докажана одлична забава за целото семејство, што му носи бројни соработки со звучни светски брендови, меѓу кои се BBC и Nintendo.

Билетите се по цена од 250 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.