Претставата „Нема струја за електричниот стол“ на театарот „Јордан Х. К. Џинот – Велес, во режија на Дејан Пројковски, во чест на наградените на Фестивалот на монодрама во Битола, ќе биде изведена на сцената на Битолскиот театар.
Се работи за дело на современиот бугарски писател Александар Секулов. Во оваа црна комедија, изведена во дуодрамски формат, иновативниот сценски јазик на Пројковски е изграден во колизија меѓу актерската игра на сцената и користењето на филмскиот кадар во функција на сценското дејство.
За режисерот Пројковски, претставата зборува на еден современ сценски јазик, со многу технологија, анимација, видео. Таа е специфична во изразот и претставува спој помеѓу театарот и филмот.
Улогите во претставата ги толкуваат Васил Зафирчев, како Осудениот на смрт и Исидор Јованоски како Леонард. Покрај режисерот Пројковски, зад претставата стојат Сашо Димоски како драматург, Филип Коруновски како автор на сценскиот дизајн и на плакатот за претставата и како коавтор на видеодизајнот и анимациите заедно со Борче Конзулов. Музиката за претставата и нејзината изведба во живо се на Сашко Костов, а камерите во претставата се на Данчо Стефков и на Александар Костов.
Инаку, по успехот на претставата „Инферно“, за чии изведби и натаму се бара билет повеќе, ова е втора соработка на Пројковски со Велешкиот театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.