На малата сцена во Велешкиот театар вечерва во 20 часот ќе се одигра претстaвата „Добри луѓе“ во режија на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“.

„Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири, велат од „Златен Елец“.

Претставата е дуодрама, работена според текст на Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација од „The relation work project“ (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај.

Играат младите актери од Велес – Тијана Трајчевска и Филип Христовски, музиката е на Ива Дамјановски и Виктор Танасковски, фотографиите се на Данчо Стефков, а извршен продуцент на претставата е Бобан Алексоски.

Следната изведба на оваа претстава е најавена за на 11 март во театар „Комедија“ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.