Независната аматерска театарска група „Аматер“ од Охрид десетгодишнината од формирањето ќе ја одбележи со премиерна изведба на театарската претстава „Чернодрински се враќа дома“, по текст на Горан Стефановски.

Режисер на претставата е Јован Цветкоски, а играат Томе Укоски, Леа Новеска-Цекиќ, Димитар Назифоски, Јован Цветкоски, Илија Трале Левески, Глигор Велјаноски и Ема Алекс.

– Процесот на подготовка на претставата траеше некаде околу три месеци. Почетно создавање на екипата, седумте актери, читачки проби, театарски игри и работилници, движење на сцена, до поставување пред неколку дена на сцената на Охридскиот театар. Во екипата имаше доста убава енергија за работа и хемија и многу лесно се одвиваа пробите. Сега сме ден пред премиерата и се тоа што го работевме и вложениот труд се надеваме дека ќе биде награден со аплаузи на крајот од претставата, изјави Цветкоски на денешната прес-конференција по повод утрешна премиера.

За Томе Укоски кој е дел од актерската екипа, оваа претстава донела некаков нов предизвик за нив, со толкување повеќе улоги за секој од актерите.

– Драмскиот текст е со 14 сцени, а за потребите на оваа претстава беше отфрлена една така да имаме 13 посебни сцени и сите од актерската група играат повеќе улоги. Во таа смисла предизвик за нас како актери е да пробаме да доловиме повеќе улоги. Има доста промена на костимографија и сценографија што беше како дополнителен предизвик. Сите сцени се иронија-комедија со доста актерска игра, движење, така да се надеваме дека ќе им биде интересно на гледачите, изјави тој.

Претставата „Чернодрински се враќа дома“ ќе биде изведена утревечер на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 20 часот. Цена на влезница е 200 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.